Како и првата епизода („Винтерфел“) и оваа се движи побавно од вообичаено. Со оглед на тоа какви се околностите, сметам дека ова беше совршена најава за она што следи. Темпото на епизодата како и дијалозите помеѓу ликовите кои ги засакавме последниве осум години навраќаат на првите неколку сезони, но и на тоа како се напишани книгите.

Режисерот постојано не потсеќа на тоа зошто ги сакаме Сем, Џон, Џејми, Бриен и останатите (иако не ни треба посебен потсетник). На врвот на замокот, Сем, Едд и Џон се потсеќаат на минатото а не потсеќаат и нас на моментите кога Сем беше „кукавица“, а Џон „недозреан“. Џејми и Тирион се потсеќаат на претходниот пат кога беа во Винтерфел (Тирион има шанса да не потсети и на тоа како сака тој да умре на возраст од осумдесет години).

Покрај тоа што пробуди носталгични емоции кај нас, епизодата послужи и како збогување со некои од овие ликови. Невозможно е сите да преживеат па така повеќето од нив имаа последен момент заедно.

Неколку моменти што оставија впечаток…

Греј Ворм и Мисандеи

Греј Ворм и ветува на Мисандеи дека после војната ќе ја носи Мисандеи во нејзиниот дом во Наат (Naath). Ако нешто може да научиме од претходните сезони, секој пат кога некој лик ќе вети нешто, тоа значи дека следи нешто лошо. Може да се очекува дека еден од нив двајца нема да ги преживее наредните епизоди.

Бран и Џејми

Конечно се среќаваат, после првата епизода од првата сезона кога Џејми го турка Бран од прозор. Додека Џејми се наоѓа пред Даенерис обвинуван за неговите минати злодела (го има убиено и нејзиниот татко додека овој бил крал), Бран ги изустува зборовите „Нештата што ги правам за љубовта“. Тоа се славните зборови кои Џејми ги кажува непосредно пред да го турне Бран. Според Бран, Џејми има важна улога во битката што претстои па затоа не го открива неговото злодело пред сите во Винтерфел, знаејќи дека тоа ќе биде погубно за Џејми.

Бриен станува витез

Ова е една од подобрите сцени во епизодата која е полна со разговори помеѓу ликови во затворени простории. Џејми и Бриен имаат богато минато, така да прилично задоволително е да се гледа како токму Џејми ја благословува Бриен во Витез, станувајќи првата жена со таква титула.

Ариа ја губи невиноста

Ова беше чудна сцена. Ариа ја памтиме како „зеленото“ детиште кое сака да се тепа и да си игра со мечеви. Во осмата сезона, она има претрпено се и сешто а лузните го докажуваат тоа. Претходната епизода најави можност за романса помеѓу Ариа и Гендри, па и не е толку изненадувачки што тоа се оствари во оваа епизода. Ако се сетите, во првата епизода од првата сезона, Роберт Баратеон му вели на Нед Старк „Јас имам син, ти имаш ќерка.“ Неговите намери се остварија во оваа епизода, иако не на начинот кој тој тогаш го замислуваше.

Судир меѓу Даенерис и Џон?

Знаеме веќе дека Џон е всушност Аегон Таргариен. Тој е наследникот на престолот а не копиле на Нед Старк како што претходно се сметаше. Тоа го дознава и Даенерис, која реагира вџашено на оваа информација, особено земајќи предвид дека цел живот се има борено за да биде кралица на Вестерос. Не знам од што беше повеќе шокирана: од помислата дека Џон е вистинскиот крал или од тоа дека имала секс со својот внук. Ми личи дека е повеќе згрозена од првото, но ќе биде интересно да се следи нивниот однос во наредните епизоди.

Пред таа да му одговори нешто на Џон, се случува она од кое сите се плашат, а кое сите ние нестрпливо го чекаме: армијата на Ноќниот Крал пристигнува пред портите на Винтерфел.

Претходна статијаУште една успешна приказна на Code App Level Up 5: Startup Edition Powered by Vip
Следна статијаМлади фудбалери од ФК „Вардар“ дел од проектот „Фудбал за пријателство 2019“