Googleplex-Patio-Aug-2014

Можете ли да замислите алтернативна реалноста каде во Македонија доаѓа Larry Page, Генералниот извршен директор на Google, една од најиновативните корпорации која некогаш постоела!? Можете ли да го замислите Скопје да изгледа како модерен хаб на иновативна технолошка компанија (или барем како Токио, Сингапур или Њу Јорк)!? И, можете ли да замислите што би зборувале претставници на нашата Влада и Larry Page?

Отприлика имам идеја. „Автономни слободни зони“. Што?

„АВТОНОМНИ СЛОБОДНИ ЗОНИ“.

Пред да почнете да се смеете да се вратам неколку чекори назад. Во 2013 година на конференцијата Google I/O еден млад дечко го прашува Larry Page за песимизмот и оптимизмот околу технолошкиот напредок. Одговорот на Page е изненадувачки:

Мислам дека луѓето се генерално загрижени од промената, што е природно. И секако не секоја промена е добра….ние немаме развиено добри механизми кои ќе се носат со рапидните промени. И можеби некои од нашите најстари институции, како правото и слично, не ја следат стапката на промена која ја создадовме преку технологијата…. Постојат многу, многу возбудливи и важни работи кои можеме да ги направиме но не можеме бидејќи се забранети со закон. И тоа има смисла. Не сакаме светот да се менува премногу брзо. Но, можеби треба да оставиме мали делчиња од светот каде што како технолози би имале слобода да се обидуваме нови работи и да разбереме како ќе влијаат врз општеството и луѓето без да ги пуштиме во остатокот од светот. (околу 3ч 15м.)

Page ја поистоветува оваа идеја со познатиот модерен хипи-фестивал The Burning Man (интересно, првиот doodle на Google бил всушност слика од The Burning Man со што Page им кажувал на клиентите дека е отиден на фестивалот, да не го бараат во канцеларија). Имено, фестивалот се одржува на сред пустина во Невада, обезбедувајќи изолирано место на илјадниците посетители и нудејќи им слобода да уживаат во уметност, музика и меѓусебна интеракција. Зошто да нема технолошки Burning Man во кој најголемите умови на денешницата ќе експериментираат со технологијата, неограничени од безбројте регулативи, политички притисоци и барања на јавноста!?

Патем, Владата на Република Македонија најави формирање на „финансиски меѓународни зони“ во кои ќе се пресликаат законите од една од државите како САД, Англија или Германија во делот на финансиите. Ова не е баш исто што бара Larry Page, но Владата покажува волја да експериментира со овие концепти. Тогаш, зошто да не создадеме и „слободна hi-tech зона“ во која Google ќе биде поканет слободно да ги развива своите технолошки идеи (да се потсетиме, Google инвестира во истражување во многу области освен основната дејност, како што се медицината, транспортот и сл.)!? Правните детали не би ги изложувал тука – важен е идејниот концепт и неговиот потенцијал.

Несомнено, мега-корпорации како Google размислуваат на долг рок. Почнувајќи од 97′ од нула, Google денеска е една од најиновативните компании во историјата на човештвото, вредна над 350 милијарди долари. Знаат да создаваат вредност и нови работни места преку производи и услуги кои го револуционизираат нашето живеење? Нема сомнеж. Знаат да се грижат за своите одлично платени и згрижени 55.000 вработени? Потврдено. Имаат поголеми интереси од само профит? Имаат. Згора на сето ова, џебовите на менаџерите во Google одамна се наполнети за веќе парите да не им се главен предизвик, што ги прави релативно отпорни на корупција и притисок од политичката каста. На крај, со создавањето слободна hi-tech зона Google го штитиме од неефикасното судство, недостигот на владеењето на правото и политичката корупција.

Бенефитот за Македонија би бил непроценлив доколку успее да му го обезбеди технолошкиот Burning Man на Google (ако немаме капацитет за ваков гигант, тогаш може да размислиме за нови старт-апи со потенцијал да ги привлечеме во „слободната технолошка зона“). Од привилегиран пристап до новите производи што би излегле од Google, до еднократни годишни надоместоци кои би биле огромни за нас. но занемарливи за нив, до нови вработувања и трансфер на високо технолошки know-how, до подигнување на рејтингот на Македонија како пријателска земја кон hi-tech бизнисот. Што чекаме!?

Претходна статијаСтари едноклеточни микроорганизми можен извор за нови антибиотици
Следна статијаЗапочнува големата шопинг-манија во Техномаркет