googleplex-01

Ова веќе ми се случува често. Почнувам да пишувам колумна и наеднаш се враќам неколку чекори назад и пишувам целосно друга колумна, но сепак поврзана со она што сум сакал првично да го споделам. Првата колумна во неделата му доаѓа како prequel на следната. Но, доста за што сакав да пишувам.

Со децении слободната пазарна економија не успеваше да ги лансира на врвот често оние кои најмногу вложуваа во себе, најпаметните меѓу нас. Помеѓу нафтените зверки, трговците и воопшто бизнисмените ретко се наоѓаа „бубалиците“. Но, со рапидната брзина на развојот на технологијата ова почнува да се менува. Од Apple и Steve Jobs, Microsoft и Bill Gates, до Larry Paige и Google, се повеќе и повеќе гледаме „бубалици“ (geeks) кои раководат со светот. Мислам, дечкиве се супер-звезди. И, интересно, но зависта и омразата кон менаџерите на овие мега-корпорации, за разлика од други корпорации од типот на Nestle, Coca Cola, Monsanto или пак British Petroleum, е скоро непостоечка. Ретко кој би се осмелил да предложи да се национализираат овие компании или пак, во идеолошка хистерија, да се залага некој за „експропријација на средствата за производство“ на пример, на Google. И зошто би!?

Google е неверојатно успешна мега-корпорација предводена од Paige и Sergey Brin со приходи од 16. 5 милијарди долари само во q3 2014, вреднувана на пазарот на околу 370 милијарди долари (бизнис елемент, ефикасност, создавање вредност). Слично како и приказната на Steve Jobs и Wozniak, Google е уште една приказна за „американскиот сон“ и претприемаштво почнувајќи од нула. Имено, во 1996 година, Paige и Brin лансираат истражувачки проект (PageRank алгоритмот) додека се на студии на Универзитетот Стенфорд. Иако двајцата се во своите рани 20-ти, брзо го препознаваат потенцијалот на својата идеја и веќе на 15 септември 1997 го регистрираат домеинот Google.com. Самиот назив на фирмата е всушност игра со терминот „googol” (бројот 1 по 100 нули) и ја искажува амбициозната желба на овие млади луѓе да „организираат бесконечна низа на информации на Нет“. Почнувајќи исто како Apple, во скромна гаража, Google набргу е „шмукнат“ во инвестицискиот вртлог на капитализмот. Andy Bechtolsheim го инвестира првиот чек од 100.000$ во август 2008 година, а веќе во јуни 1999 Google се избори за голема инвестиција од 25.000.000$ од инвестицискиот фонд Sequoia Capital.

Денеска Google е дом (кој не би сакал да живее во Googleplex!?) на 55.000 вработени распоредени низ 70 канцеларии во повеќе од 50 земји, кои редовно ја рангираат својата компанија како најдоброто место каде што може човек да работи (социјален елемент). Покрај нивните стотици производи и услуги кои ги нудат, Гугл се необични и по нивната истражувачка лабораторија Google X посветена на „развој на технолошки решенија кои звучат како научна фантастика“ (елемент истражување). Мантрата која ја користат во Google X: наместо 10% подобро, нека биде 10 пати подобро. Од проекти за „автономни возила“, со намери да го направат Интернетот достапен за секој човек на Земјината топка преку Project Loon, па се до Calico преку кој работат на истражувања за продолжување на животот на луѓето, економскиот, културниот и општествениот ефект од постоењето на оваа мега-корпорација е непроценлив. Тука не ни ја ни споменувам Google.org преку која Google поддржува илјадници невладини организации и иновативни проекти од непрофитен карактер за решавање на важни општествени проблеми низ целиот свет (елемент солидарност).

На кратко, муабетот ми е:

  1. капитализмот во новото време ги турка најпаметните меѓу нас на врвот и од овој процес бенефитот кој го имаме сите е едноставно непроценлив. За жал, често придобивките ги земаме здраво за готово и не го сфаќаме пазарниот механизам преку кој добрите старт-ап идеи на луѓето како Paige и Brin стануваат комерцијален производ достапен за народот (патем, ова е нешто што се обидувам да го дешифрирам во моите колумни);
  2. поважната поента ми е дека Google треба да го донесеме во Македонија. Кој не би се сложил така!? Ама звучи неверојатно. Македонија нема развиен капитализам, приватната сопственост е под закана од безброј закони и регулативи кои се менуваат секојдневно, берзата е анемична, капиталните текови не се целосно либерализирани, судството не е ниту ефикасно ниту независно, итн. Но, што ако ви кажам дека имам добар план кој може да успее и покрај сето ова!?
Претходна статијаОткриен малициозен софтвер кој што ги шпионира компјутерите уште од 2008 година
Следна статијаCERN ги отвора податоците собрани од LHC за јавноста