М. Најт Шјамалан е човекот кој режира генијални, но и катастрофални филмови. Тој е умот зад феноменалните „Sixth Sense“, „Signs“ и „Split“. Но, тој е заслужен и за „The Happening“, „After Earth“ и „The Last Airbender“ – филмови кои се толку лоши, што се добри. Претежно само лоши.

Неговиот најнов филм е Glass, продолжение на Unbreakable (2000) и Split (2016). Информацијата дека се работи за трилогија беше откриена на крајот на Split, а интернетот збесна како последица.

Unbreakable имаше мешани реакции од публиката, но со време си изгради култен статус. Split е еднакво добар филм. И покрај тоа, зачекорив во кино салата претпазлив поради две причини. Прво, не знаев што да очекував од филм на Шјамалан. Се надевав дека Glass нема да биде едно од неговите спектакуларни промашувања.

Второ, не издржав да не прочитам некои рецензии од критичари, кои беа воздржани или пак не беа воодушевени од филмот.

Glass ме доби уште на почетокот. Шјамалан не троши време за да не втурне во акција. Главните протагонисти се соочуваат во првите неколку сцени. Во координација со неговиот син, Дејвид Дан (Брус Вилис) го лоцира ликот (поконкретно, 24-те ликови) на Џејмс Мекавој (Кевин Вендел Крамб) кој има заробено неколку чирлидерки во напуштена фабрика.

Без да навлегувам во територија на спојлери, двајцата завршуваат во психијатриска установа каде што се наоѓа и Mr. Glass (Семјуел Л. Џексон). Иако почетокот е одличен, малку бев изненаден. Тие сцени делуваа како да припаѓаат кон крајот на филмот, а не на самиот почеток.

Но, ваквиот развој на настани добива своја логика. По првите 15 минути возбуда, она што следи е slow burn од филм, каде што нема премногу дијалог, а дејството се одвива во затворени простории.

Image result for glass movie

Глумата е одлична. Брус Вилис е…класика Брус Вилис. Но, тоа е прилично ефективно во овој филм. Тој ја репризира својата улога на тивкиот и стоички настроен Дејвид Дан во Unbreakable. Семјуел Џексон е маестрален кога ќе се „залета“ во втората половина од филмот. За Мекавој немам зборови. Реков претходно дека заслужи Оскар за глумата во Split, па истото ќе го потенцирам и овде.

Glass истражува теми како себе-реализација, верба во себеси и остварување на сопствениот потенцијал. Ја повикува публиката да го истражи најдоброто во себе и истото да му го понуди на светот.

Она што не ме воодушеви во Glass е тоа што Дејвид Дан немаше многу што да прави во овој филм, иако ликот е одлично смислен. Дан е човекот со кој што започна сето ова, со кој прв пат се зближивме во универзумот кој го создаде Шјамалан. Начинот на кој се заокружува неговата приказна заслужи повеќе од она што го добивме.

Крајот е претставен како триумфален момент полн со надеж, иако она што го гледаме баш и не го изискува тој впечаток. Филмот има уште неколку мани, но тие не одземаат од неговиот краен ефект. Испраќа одлични пораки, а приказната од првиот до третиот филм има совршен тек и кулминација.

Може да мислиме што сакаме за Шјамалан, но едно е сигурно, тој припаѓа на ретката сорта на режисери кои безкомпромисно ја бркаат својата визија – колку и да е таа невообичаена и чудна. Речиси сите негови филмови се снимени на начин нетипичен за холивудската машинерија.

Уште поинтересен податок е дека тој сам ги финансирал неговите последни два филма (Split и Glass), истурајќи милиони сопствени долари во нивното остварување.

Штета е што Glass наиде на лоши критики (има рејтинг од 37% на Rotten Tomatoes?!). Во време кога сме бомбардирани од продолженија на суперхеројски филмови од кои повеќето се за деца, Шјамалан ни понуди таков филм за возрасни.

Претходна статијаЛекции од Џеф Безос за „високи стандарди“
Следна статијаНови слики целосно ги прикажуваат Galaxy S10 и Galaxy S10+