После некој период разбираш дека и водењето портал и пишување колумни е trial-and-error пристап. Како се на пазарот, испитуваш што ја интересира публиката, ја тестираш дали и колку е заинтересирана за одредени теми и стил, и се прилагодуваш.

Покрај некој од редовните рубрики (Крипто 101, неделни предлози и сл.) од неделава сакам да тестирам нова рубрика – селекција на еден текст за must read во текот на неделата (иако содржината не мора да е од конкретната недела). Предлозите ќе бидат селектирани по едноставни критериуми – оригинален insight, нова идеја или едноставено предобро напишан текст. Иако текстовите ќе бидат предмет на анализа и коментар најдобро е секој да си ги прочита за себе.


Мразот ќе го кршиме со малку постар текст (од 2016) – The $26 billion genius of LinkedIn, на Џефри Такер (Џефри Такер е гик кој станува еден од водечките ликови во либертаријанските кругови последните 10тина години; вистински џентлемен со прекрасен ум, без разлика колку се согласувате со либертаријанци).

Такер ја започнува својата анализа со тоа што не потсеќа дека од сите големи играчи на Интернет, LinkedIn е еден од најтивките. Нема преголема фама околу фирмата која Реид Хофман ја лансираше во 2003 – но, „ако се мери позитивниот придонес што оваа апликација го има врз илјадници животи, заслужува пофалби. LinkedIn е чиста генијалност.“

И да, станува збор за профитабилна компанија и една од најкористените апликации, но има многу повеќе позади оваа апликација. Што е увидот на Такер? Имено,

LinkedIn реши проблем кој ги мачи луѓето со векови: проблемот да се биде заробен кај работодавач кој не ги цени доволно твоите способности. Можеби не звучи како голем работа, но во однос на квалитетот на живот на милиони луѓе, ова има разорни психолошки ефекти. LinkedIn е ослободителот.

Секој кој има работа и некогаш помислил да смени фирма знае каков практичен проблем е ова. Ако дознае работодавачот, колку и да е нормално, го сфаќа како еден вид на предавство (особено ако не си побарал тоа што сакаш во постојната фирма), oсобено ако си повисоко во хиерархијата. Луѓе се плашат да дознае работодавачот дека бараш работа.

LinkedIn ја менува целосно играта. Секој е постојано на пазарот на труд без притоа да изгледа нелојален на постојниот работодавач. Ова има сериозни макроекономски ефекти за флексибилноста и динамичноста на пазарот на труд од што на крај ќар имаат сите – работодавачите имаат достапност до поголем број работници што значи и поголема веројатност за да го најдат правилниот fit; работниците имаат повеќе избор што значи дека можат да ја најдат полесно најдобрата работна позиција за нив.

Game changer.

На крај, Такер се враќа на политичката порака. Не повикува да се присетиме на илјадниците програми кои политичарите ги измислуваат секоја година за да го подобрат пазарот на трудот. Сте искористиле некоја? Било која? Ви сменило нешто многу? Истовремено, LinkedIn e game changer а најверојатно не го знаете ни името на основачот (и мора да одите горе да го препрочитате). Market under-promises & over-delivers. Обратно од државното и политичарите.