Дојде и тој ден. Ја гледавме последната епизода на Game of Thrones. Надреално е да се помисли дека завршува серијата што ја одбележа последната декада со манијакално и фанатично следбеништво. Шоуто во еден момент стана таков културен феномен што Кит Харингтон (Џон Сноу) паднал во депресија. Тоа што милион и кусур луѓе потпишаа петиција за преснимување на финалето доволно кажува за приврзаноста на гледачите кон оваа приказна.

Првите четири-пет сезони беа речиси беспрекорни. Почнувајќи со шестата, а особено седмата (i’m looking at you, седма епизода) и осмата сезона, критиките стануваа погласни. Ова нема логика, она нема логика, премногу бргу се движат настаните, ликовите не се однесуваат на овој или оној начин итн. Креаторите почнуваа да наметнуваат своја визија наместо таа на Џорџ РР Мартин. Така и мораше да биде, книгите се’ уште ги нема. Таквиот развој на настаните сигурно најмалку го посакувале токму креаторите. Ако Харингтон паднал во депресија, којзнае како се чувствувале тие последниве две-три години.

Како и последните две сезони, и последнава епизода наиде на поделена публика. За едни е одлична, за други симбол на се она што беше погрешно со GoT последните две сезони.

Совршен крај на совршена приказна

Нема да навлегувам премногу во некои нејаснотии или нелогичности што ги имаше во шестата епизода. Несомнено дека имаше такви моменти. Нема сомнеж и дека каков и да беше крајот, луѓето ќе имаа драстично различни ставови. Иако не ми држат вода повеќе работи кои што не донесоа до крајот (hint: Night King), крајот што го добија повеќето ликови, за мене беше речиси совршен. Можат да ги критикуваат креаторите колку што сакаат, но само нивната истрајност, визија и храброст беа причината за воопшто да можеме да го гледаме ова чудо од серија.

Санса

Нешто што таа го посакуваше долго време. Да биде првата дама на Винтерфел. Соодветен крај на нејзината приказна. Ако се сетите, уште во втората сезона таа одлично се справуваше со сите трауми што и се случуваа со Џофри во Кингс Лендинг. Потоа под менторство на Литлфингер, доби самодоверба, но и ја разбуди својата итрост. Сето тоа ја доведе во положба да биде соодветен владетел во Северот.

Арја

Никогаш не ни сакаше да биде „дама“. Не можев да ја замислам во Винтерфел, ниту во некој друг замок. Како и нејзиниот волк Нимериа, нејзините патишта секогаш водеа кон нова и непозната територија.

Даенерис

Не постоеше сценарио во кое таа преживува, според мене. Прашањето беше кој ќе го стори делото. Иако не ми беше омилен лик, фасцинантно беше да се следи нејзината еволуција од невина девојка до самоуверена кралица и на крај налудничав тиранин. Истовремено, нејзиниот крај е тажен. Убиена од човекот што го сака, поради тоа што во својата мисија да ослободува, предизвика уништување.

Тирион

Тирион е лик што се надевам дека ќе има поголема улога во настаните во книгите. Последниве три сезони, тој на моменти беше бескорисен, на моменти донесуваше грешни и глупави одлуки, и претежно беше пијан. Но, заврши таму каде што почна, како втор во синџирот на команда. Каде што е најдобар. Сцената со состанокот на кралскиот совет беше одлична и разбуди доста спомени од раните сезони кога почнавме да ја обожаваме серијата. Патем, Питер Динклиџ растури во оваа епизода.

Џон

Што да се каже за Џон. Немам ниту една примедба за неговиот крај. Навистина не можев да го замислам како живее во некој од големите замоци. Тој буквално го даде својот живот за да ги спаси живите од пропаст. На повеќе наврати си го ризикуваше и вториот живот само за да ги спаси оние што ги сака. На крајот, само тој можеше да го врати мирот. Но, за тоа плати сурова цена, убивајќи ја жената која што ја сака (овој дел од приказната можеше подобро да биде раскажан), воедно негова кралица и негова крв. Мораше да ја скрши својата најголема вредност која ја научи од Нед Старк – лојалноста – за да спречи загуба на нови животи, за што беше казнет.

Но, последната негова сцена не е тажна, туку надежна. Тој наоѓа нов живот, онаму каде што најмногу припаѓа. И Арја и Џон почнаа како еден вид одметници, чувствувајќи како да не припаѓаат никаде. За прв пат во нивните животи, тие се во контрола на својата судбина и се во околина во која припаѓаат.

На крајот, Гејм не остави обединети во поделба, ако тоа има смисла. Можеме вечно да зборуваме како не се согласуваме за милион работи во серијата, или како делови од серијата не се поклопуваат со книгата. Но факт е дека сите ужива(в)ме во универзумот што го создадоа Бениоф и Вајс. На крајот, нема да ги памтиме нелогичностите, туку фактот што илјадници луѓе се собираа на јавни места заедно да гледаат и да навиваат за своите омилени ликови. Тоа што милиони плачеа а други ги снимаа на сцените од Црвената Свадба.

Тоа што илјадници родители низ светот ги крстеа своите деца „Калиси“ (иако сега веројатно се каат). Тоа што Гејм инспирираше безброј песни, ремикси и креативни изведби на музичари и други уметници. Секоја година фанови правеа видеа, влегуваа во дебати за безброј теории и покажуваа невиден ентузијазам за една телевизиска серија.

Гејм влијаеше на нашите животи на повеќе начини. Некои ни се познати, некои допрва ќе ги откриваме.

Our watch has ended.

Рандом обсервации

  • Моментот кога Бриен ја пишува приказната на Џејми во огромното книгиште е една од моите омилени сцени во осмата сезона. Сите го знаеја како Kingslayer, но тој ќе остане запамтен по својата храброст и пожртвуваност борејќи се за доброто.
  • Ако Џејми беше запамтен како Kingslayer, дали Џон ќе биде запишан во историјата како Queenslayer?
  • Иако сцената со Бриен е одлична, тоа што приказната на Џејми заврши така како што заврши е разочарувачки крај за тој лик и трансформацијата што му се случуваше цели осум сезони.
  • Очигледно интернетот полуде по Робин Арин, детиштето што цицаше од мајка му во првата сезона.
  • Тирион е обвинет за предавство, но некако успева да влијае на конечниот исход. Од заробеник, станува Hand of the King. Знам дека Тирион е генијален, но неговата приказна за „приказни“ не ме убеди дека Бран треба да биде крал, но очигледно сите други ги голтнаа неговите зборови како вистина.
  • Не добивме одговор што правеше Бран во третата епизода. Или било кој друг одговор поврзан со него, освен тоа дека е „меморија“ на човештвото.
  • Кога ќе се навратам на минатите сезони, приказната на Џон звучи неверојатно мрачна – го погубија неговиот „татко“, го убија неговиот брат, го убија неговиот втор брат. Дури и него го убија. Мораше да ја напушти својата прва љубов за потоа таа да му умре во раце. Мораше да ја убие својата втора љубов. На крајот, мораше да ја напушти цивилизацијата како казна за тоа што го направил. Хух.
  • Но го погали Гоуст! Тоа е се што баравме.
  • Џон и Тормунд повторно заедно. Последната сцена беше феноменална а глумата на Тормунд не бараше дијалог, неговиот поглед кажа се.
Претходна статијаТелеком ја претстави Price Hero, првата корисничка апликација со проширена реалност (Augmented Reality) во Македонија
Следна статијаARM ја прекинува соработката со Huawei