ТЕШКИ СПОЈЛЕРИ ЗА ОНИЕ ШТО НЕ ГЛЕДАЛЕ

По интензивната и тензична трета епизода во која живите ги победија мртвите, конечно може малку да здивнеме. Ноќниот Крал е мртов, како и целата негова армија. Токму тоа го посакувале и креаторите на серијата – да ги тргнат од фокусот мртвите за да се посветат на судирот помеѓу живите. Не дознавме ништо за историјата на војската на мртовци, ниту пак за мотивацијата на Ноќниот Крал. Хајпот кој се билдаше седум сезони беше целосно срушен во една епизода. Се чини дека првиот спиноф ќе ни понуди некои одговори, но она што е битно во моментот е GoT, која секоја недела не изненадува, фасцинира и повремено разочарува.

Четвртата епизода според мене е најдобра во осмата сезона. После многуте сопки во претходната, оваа се враќа на корените. Одлични дијалози и глума, твистови и политички интриги. Уште од првата сцена бев хукнат (говорот на Џон – ежење). Првите пет минути имаа поголем емоционален удар отколку цела претходна епизода.

После подолго време во главна улога во една епизода се наоѓа Тирион. Питер Динклиџ е awesome во улога на Тирион, но како да подзаборавивме колку може да придонесе во една епизода. Тирион и е лојален на Даенерис, но може да видиме како таа посветеност е тестирана кога Варис нуди низа аргументи зошто таа би била лоша кралица (и Варис е уште еден лик кој се враќа на стара слава во оваа епизода).

Нивниот разговор се фокусира на прашања што беа игнорирани во последниве две сезони. Како треба да изгледа вистинскиот владетел на Вестерос? Дали е подобро да е маж или жена? Дали може двајца да седат на престолот? Што е поважно: лојалноста кон фамилијата или кон кралството (realm – немам посоодветен превод)? Во овие разговори можеме да почувствуваме дека разврската нема да биде целосно позитивна. Тирион искажува оптимизам („Зошто да не можат и двајцата да владеат?“) но и самиот не верува во таа изјава. Жртви мора да има и мора да ги направи секој со своите избори. Варис е заштитник на кралството додека Тирион е лојален на Даенерис. Се чини дека тоа ги става двајцата на спротивставени страни на шаховската табла.

Тажно…

Со слични тешкотии се соочува и Џон. Џон е најискрениот лик во серијата, кој целосно наликува на својот „татко“ Нед. Од една страна, тој ја сака Даенерис и ќе стори се за да ја зачува лојалноста што ја има кон нејзе. Од друга, не може да ги лаже Санса и Арја за неговото вистинско потекло. Нед со години живееше со тајната само за да го спаси животот на Џон и да го сочува мирот во Вестерос. Но, Џон не може да живее со истата тајна без да ја сподели со своите полу-сестри. Истата информација се шири како чума. Тоа го прави Џон мета, за добро или за лошо. Но тоа е избор кој самиот го направил и со кој ќе мора да живее.

Најмалку омилен лик во епизодата ми беше Даенерис, но мислам дека тоа е и поентата на режисерот. Даенерис се повеќе наликува на нејзиниот татко (the Mad King), ама од лоши причини. Таа се оддалечува од сите и е жедна за моќ. Мора да го има престолот само за себеси, по секоја цена. Единствениот лојален советник кому му веруваше со цело срце беше Џора. Друг таков лик беше Мисандеи. Сега и двајцата се мртви, а односите со Џон почнуваат да заладуваат.

Заседата во која паднаа Даенерис и нејзината мала војска беше главното изненадување кое беше погубно за еден од змејовите (Раегал). Како тие не ја забележаа флотата на Еурон и како тој можеше да биде толку прецизен и ниту еднаш да не утне од првите три обиди? Зошто Серсеи (која спротивно на говорот на Тирион, навистина е претворена во монструм) едноставно не ги докрајчи Даенерис и нејзината сиромава војска кога тие се пред нејзините порти? Тоа се прашања што ќе треба да ги занемариме.

И покрај тоа, битката помеѓу живите ја достигнува својата кулминација. Остануваат повеќе прашања, но ако се задржи духот на оваа епизода очекувам да добиеме задоволителни одговори.

Рандом обсервации:

  • Што е со Ghost? Зошто едноставно Џон не му посвети малку внимание пред да го испрати со Тормунд? Ова беше нивната последна средба, и мораше да биде поголем момент од тоа што го добивме. Ghost заслужи подобро.
  • Во една сцена може да се види Старбакс чаша на масата на Даенерис. Како можеле да не го забележат тоа? За милисекунда помислив дека е намерно, но самите продуценти ја признаа грешката.
  • Уште не знаеме што правеше Бран кога „се одјави“ во претходната епизода. Постои интересна теорија дека тој е всушност „Blood Raven“. Не ми се верува дека таму ќе ја однесат приказната.
  • Тормунд беше ѕвер цела епизода. Се надевам дека ќе се појави пак.
  • Cleganebowl сигурно се дешава. Тензии.
  • Бриен и Џејми. Брејми. Конечно.
  • Во една сцена, во позадината Подрик си заминува со две девојки. Заслужено.

Претходна статијаNetflix тестира можност за гледање на епизоди по случаен избор
Следна статијаШто може да се очекува од новиот Microsoft Edge моментално во тест фаза?