Во претходниот дел објаснивме дека економијата не е статична. Работите, како и во животот, се менуваат – на полошо или подобро. Иако Гугл и Фејсбук не се монополи (имаат огромна конкуренција и ги нудат своите услуги за нас бесплатно а не по „монополски цени“), сепак се најдобри во играта. Заслужено се на врвот. И објаснивме дека еден ден, се додека пазарите се слободни, нема да бидат на тронот. Или пак, ќе останат?

Зависи.

Мала дигресија.

Лекција бр.2.

Прашањето зошто постои „монопол“ – еден (или еден значително доминантен) снабдувач на одредена услуга е битно во целата приказна. Имено, постојат многу причини зошто имаме монопол. Фирма/претприемач измислил нов производ? Барем привремено, ќе биде единствен снабдувач. Економската логика вели и дека некогаш постои еден/двајца снабдувачи бидејќи е ограничена побарувачката. На пример, во селата најчесто има еден гранап. Ако отвори втор, се поделат муштериите, ниту еден нема да може да работи со ќар. Едноставно пазарот не е доволно голем за повеќе фирми (пр. нашиот телекомуникациски пазар кој не трпи повеќе од 3-4 оператори). Или пак, едноставно, фирмата е најдобар играч.

Во последниот случај, граѓаните и општеството во целина се во најдобра позиција и континуирано ги наградуваат услугите на една две фирми на одреден пазар. Таков е случајот со ФБ и Гугл!

Поентата е дека има две сценарија: 1) ако пазарите се отворени и либерални, Гугл и ФБ ќе бидат симнати од тронот или пак 2) ако пазарите се отворени и либерални, Гугл и ФБ ќе останат на тронот само доколку континуирано го победуваат пазарот во квалитет на услуги. Двете се win-win ситуации за сите. И се додека постои шанса (отворен пазар) друг играч да ги победи во играта на долг рок, Гугл и ФБ, без разлика колкав пазарен удел имаат, не се монополи.

Но трикот е во „ако пазарите се отворени и [генерално] либерални“. Имено, во времето на Адам Смит и генерално пред развојот на интервенционистичка економија (~1920тите па навака) под монопол се подразбирало една фирма (или неколку) кои имале повластено право добиено од владата/Државата да бидат единствен играч на пазарот. Едноставно, Државата забранува било кој воопшто да се обиде да му конкурира на привилегираниот монополист.

И се додека Државата не склучи дил со ФБ и Гугл да бидат единствени играчи на пазарот (што ниту може ниту би се осмелиле во САД), истите не се монополи колку и да е тешко да се симнат од тронот (никогаш не е лесно да ги победиш најдобрите). Сепак, треба да убедиш неколку милијарди луѓе во светот дека си подобар. Не звучи лесно, нели?! Кои се алтернативите?

(продолжува)

Претходна статијаHuawei гo лансираше 5G смартфонот на преклоп и уште пет нови производи на Mobile World Congress 2019 во Барселона
Следна статија„Поглед одблиску“ на Samsung Galaxy Fold (Видео)
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.