Неодамна пишувавме за војната која ЕУ ја објави на слободата на интернетот, со гласањето на законот (т.е. директивата) за заштита на авторски права. Во кратки црти, законот има потенцијал да биде поразителен за слободата и креативноста која постои на интернет, а дел од таа креативност е искористена преку креирање и ширење на мемиња, гифови (така се изговара, нели?) и други мултимедијални креации.

Експертите велат дека законот ќе им овозможи на големите корпорации да ги користат владите ширум светот како своја алатка за остварување на цели. Владите пак, ќе ги држат интернет провајдерите како заложници кои ќе бидат приморани да ги следат нивните наредби, или ќе се соочуваат со драконски казни.

Крајниот губитник, како и секогаш, ќе биде обичниот граѓанин.

А замислете свет во кој би било забрането ова меме (за целата колекција овде). Тоа е свет во кој јас не сакам да живеам.

Новиот закон за заштита на авторски права е само парче од низата на слични закони кои низ годините за малку ќе беа истуркани пред Европскиот Парламент и преточени во реалност. Такви беа СОПА/ПИПА како и фамозниот АКТА. Сите тие умреа како последица на гневот кој го изразуваа милиони луѓе ширум светот.

Слично сценарио се наговестува и сега. Како вообичаено, интернет заедницата смислува креативни начини за да им контрира на ваквите бирократски предлози.

Мозила веќе им порачува на своите корисници да ги контактираат своите претставници во Европскиот Парламент и да ги „убедат“ да гласаат против донесување на овој закон (гласањето е на 5-ти јули).

Од друга страна, интернет корисници константно постираат мемиња кои не употребуваат заштитен материјал, туку се „нацртани“ со што практично не прекршуваат никакви права (само нека не им даваат нови идеји на бирократите од ЕУ). Тие го прават истото и со знамето на ЕУ, при што целта им е таквото меме да се прошири толку многу што ако се следи законот, ќе мора да се забрани (со што ЕУ би забранила употреба на своето знаме).

Интересна тактика, но не сум сигурен дека ќе биде успешна.

Претходна статијаGoogle инвестира во KaiOS, оперативен систем на кој работат „обичните“ мобилни телефони
Следна статијаМладите, летните забави, возењето во раните утрински часови и безбедноста во сообраќајот