Инспирирани од една британска банка, која на своите корисници им има дадено можност да користат emoji икони наместо класичните ПИН кодови, тим од истражувачи од Техничкиот Универзитет од Берлин, Улм Универзитетот, како и од Универзитетот од Мичиген, решиле да направат поконкретни истражувања околу оваа интересна можност.

Она што нив ги интересирало е дали замената на пиновите со emoji икони нуди барем исто, ако не поголемо ниво на безбедност, дали корисниците ќе бидат во можност да ги паметат комбинациите, како и дали генерално овој начин ќе претставува полесен и позабавен начин за најавување на местата коишто бараат ПИН код.

Emoji иконите нудат и одредена предност пред ПИН кодовите, барем доколку правилно се користат. Тие овозможуваат многу поголем број на комбинации, поради огромниот број на икони, за разлика од бројките од 0 до 9 кои може да се користат за ПИН. Се разбира и кодовите се многу посигурни кога се користат во комбинација од 6 бројки или повеќе, меѓутоа ретко кој корисник користи толку сложен ПИН, поради фактот што целата поента на нивното користење е едноставноста наспроти користењето на лозинка.

Истражувањето за добивање на одговор на погоре поставените прашања е направен на групи на Android корисници во неколку ситуации. Групите во главно броеле околу 50тина корисници кои биле поделени на два дела, едната која ќе користи emoji икони, а другата ПИН кодови.

Она што е заклучено е дека корисниците во главно лесно ги паметат emoji иконите, односно избраните комбинации, но ПИН кодовите сепак остануваат како наједноставни за паметење.

Корисниците исто така имале три начини на коишто ги бираат иконите, односно според поставеноста на тастатурата, според некое значење за нив или едноставно според тоа кои од иконите им се допаѓаат.

Резултатите покажуваат дека emoji иконите дефинитивно може да се користат како замена за ПИН кодовите поради фактот што не се ништо понесигурни, а овозможуваат поинтересен начин на отклучување на телефонот и сервисите.

Во време кога се повеќе се оди кон биометриска автентикација се поставува прашањето дали воопшто е потребно барање на замена за ПИН кодовите. Корисниците со тек на време ќе се префрлат целосно на отисоци од прстите или скенирање на окото, па потребата од ПИН кодови нема да остане.

Извор: IB Times

Претходна статијаОбука за напредни менаџерски вештини и успешни бизнис планови
Следна статијаGoogle Maps автоматски ќе се ажурираат со помош на Deep Learning и Street View
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.