Неговиот гнев кон сегашната состојба со медиумите најверојатно потекнува од (според него нефер) известувањето на американските медиуми во врска со Тесла автомобилите. Поточно, како тие сензационално известуваат кога истите автомобили доживуваат дефект или предизвикуваат сообраќајни несреќи.

Сега веќе е распространета информацијата дека тој сака да создаде онлајн платформа (која ќе биде наречена Pravda) на која читателите ќе можат да ги рангираат веродостојноста и интегритетот на секој напишан новинарски текст, медиумот кој го објавил тој текст, како и новинарот кој стои зад тој текст.

Слична веб страница (Проверка на факти во медиумите) постоеше и во нашата земја, со таа разлика што „рецензиите“ беа спроведувани претежно од новинари. Pravda, ќе биде портал на кој граѓаните ќе ги оценуваат новинарските производи (што само по себе е рецепт за катастрофа).

На прв поглед, идејата на Маск не звучи лошо. Краудсорсинг е интересен начин за справување со „лажни вести“, пропаганда и „нарачани“ текстови. Сепак, и оваа вест треба да се погледне од различни агли.

Во април годинава, непрофитната организација Reveal објави дека Тесла пријавила понизок број на несреќи и телесни повреди кои ги доживела работниците во нивните фабрики. Во реалноста, бројката била далеку повисока.

Се наметнува прашањето дали Маск е навистина загрижен за начинот на кој известуваат медиумите во САД, или е всушност загрижен за начинот на кој тие известуваат за Тесла? Медиумите често известуваа за застојот во производството на Тесла 3 моделот, и за проблемите со автопилот системот вграден во Тесла автомобилите.

Ако се вратиме во 1912 година, ќе видиме дека Pravda започнал со работа како магазин за пропаганда на руската комунистичка партија, а подоцна бил алатка за државна пропаганда. Идејата на Маск не може да се спореди со ова.

Но, дали може да се претвори во алатка за величање на се што ќе направи и ќе соопшти Маск? Да, може. И поради тоа резултатите од оваа идеја, доколку остварена, можат да бидат поразителни и за Маск, и за медиумите во САД.

Претходна статијаПремиерно издание на Американски чопер на Дискавери каналот на 03.06.2018
Следна статијаСинтовите пристигаат – Фалената британска серија „Humans“ е достапна бесплатно на Pickbox