Во денешно време достапноста на технологијата е толку голема и нормална што веќе никој не ја смета за нешто посебно, иако до пред само 30 години ништо од ова не им било достапно на луѓето.

„Мојот ум отиде – од сè – на плугот. Плуговите се одлично отелотворување на историјата на иновациите. Луѓето ги користеле од 4000 год. п.н.е., кога месопотамските земјоделци ја газеле почвата со наострен стап. Оттогаш почнавме полека да ги поврзуваме и да ги подобруваме, а плуговите денес се технолошки чуда.“ – истакнува Бил Гејтс за MIT Technology Review на тема „Како ќе ја измислиме иднината“.

Со оглед на тоа што се има свои позитивни, но во исто време и негативни страни, се чини дека во последно време повеќе можеме да прочитаме за негативните страни на технологијата и производите и сервисите поврзани со неа. Изгледа дека луѓето сепак повеќе им одговара да се концентрираат на негативните страни, а позитивните се сметаат како да следуваат и за нив не е потребно посебно внимание.

Иако „случајот“ којшто оди во прилог на негативностите кои ги донесе технологијата е голем и има што да се пишува за него, сепак сметам дека на повеќето од нас ни е потребно едно потсетување за сето она што во денешно време го земаме здраво за готово и заборавивме колку ни ги подобри животите.

Во основа, тоа што сакам да го кажам е дека технологијата ќе продолжи да се развива и да ни ги олеснува животите, а за негативните ефекти ќе треба самите да си преземеме одговорност и да престанеме да ја „обвинуваме“ технологијата или било кој друг. Сепак, негативната страна е само еден многу мал дел во споредба со предностите кои ни ги донесе технологијата.

Причините, односно аргументите зошто технологијата треба да се смета како нешто што носи во основа позитивни промени се повеќе. Ќе се обидам во продолжение со примери да ја постигнам мојата поента, а верувам дека нема некој кој не би се сложил со нив.

Дали можете да го замислите водењето бизнис пред развојот и навлегувањето на технологијата во нашите животи, односно бизниси. Извршувањето на едноставна активност, како испраќање на обична порака, подразбирало чекање од неколку минути, па до неколку денови, зависно од големината и оддалеченоста.

Технологијата овозможи да сите потребни информации се достапни на само еден клик. Луѓето се во „нашите канцеларии“, без разлика каде тие се наоѓаат, а само замислете како ќе изгледа комуникацијата кога доволно ќе бидат развиени холограмите, на пример.  

До развојот на холограмите во нивната целосна верзија, односно како што гледаме во научно фантастичните филмови, тука се производите како HoloLens од Microsoft кои овозможуваат проширување на реалноста.

Цели библиотеки полни со информации, цели архиви на државни институции и компании, сега се достапни со еден клик, со можност за многу полесен начин на пребарување. Нема информација која му е потребна на некого, која не може да ја најде веднаш и истата да ја искористи или испрати каде е потребно.

„Информатичката технологија и бизнисите стануваат неразделно испреплетени.
Јас не мислам дека некој може да разговара значајно за едното без да зборува за другото.“ – истакнува Бил Гејтс.

За луѓето кои се помлади сигурно би било незамисливо да бидат ставени и барем еден ден да функционираат како што тоа се правело до пред 30 и повеќе години.

Технологијата, односно достапноста на информациите која дојде со истата, се одговорни за знаењето кое им е достапно на луѓето денес. Не се само бизнисите кои имаат користи од ова. Обичните луѓе можат да научат многу повеќе од својот дом, од својот мобилен уред, од колку порано можеле луѓето во години поминати по библиотеки и слични места.

Сето ова, покрај што ја зголемува достапноста на потребните ресурси, покрај тоа што заштедува многу и значително време, исто така влијае и на значително намалување на трошоците. Со развојот на технологијата, со нејзината се поголема достапност, трошоците се повеќе паѓаат, а предностите кои се возможни, се прошируваат.

Една од негативните страни кои луѓето најчесто ги истакнуваат, односно ги поврзуваат со модерната технологија е губењето на работните места. Меѓутоа доколку се погледне реалната ситуација, тоа воопшто не е така. Можеби ова тврдење да држи вода само одреден период, меѓутоа реалната ситуација е многу поразлична.

Колку нови работни места постојат поради развојот на технологијата, колку работни места се возможни и лесно достапни, а порано не можело ни да се замислат.

Интернетот отвори цела низа на работни места кои можат да се работат од класичното доаѓање во канцелариите, меѓутоа и од дома, на одмор и слично. Луѓето работат на начин којшто не бил возможен и достапен порано, а можностите не покажуваат знаци на намалување и застој.

Огромен број на млади луѓе денес наместо да одат на класично работно место, работат од својот дом или од некоја во денешно време популарните групни канцеларии. Тие отвораат сопствени блогови, програмираат апликации нарачани од било кој дел во светот, дизајнираат веб страни и многу повеќе.

Секако, технологијата не може да ја ставиме само во контекст на бизнис или олеснување на одредени активности. Не може да има текст за предностите на технологијата без да се истакне помошта која истата им ја овозможува на лицата со попреченост, а секако сите ние имаме бенефит од технологијата кога е во прашање здравјето, односно медицината.  

Во денешно време сме сведоци на луѓе како успеваат повторно да одат, да гледаат или да слушаат, на начин којшто не бил ни приближно возможен порано. Не говорам тука само за напредок во медицината, туку конкретно за напредок на технологијата која овозможува поврзување со луѓето и замена на одредени функции.

eSight се футуристички очила кои им овозможуваат на лицата со оштетен или целосно изгубен вид, повторно да гледаат, додека Google Voice Access им овозможува на луѓето да го користат својот телефон само со гласовни команди.

Huawei Facing Emotions е посебно интересна и корисна апликација која ја користи камерата на смартфонот на корисникот и вештачка интелигенција. Оваа апликација им помага на лицата со оштетен вид да ги знаат емоциите според изразот на лицето на нивните соговорници.

Кога пишуваме за лицата со попреченост или било каков друг проблем, повторно мора да се вратиме на достапноста на информациите. Насекаде достапната дата база од секакви податоци, наречена интернет, им овозможува на сите пристап до скоро се што им е потребно да дознаат за сопствената состојба, проблем, решенија и слично.

Главната поента на оваа статија е да ги потсетиме луѓето на тоа дека технологијата сепак носи многу повеќе позитивни работи, отколку негативни. Секогаш и од секоја ситуација ќе може да се извади и негативна страна, меѓутоа тоа е човековата природа.

Претходна статијаНеовластено откривање на лични податоци – случај од пракса
Следна статијаАнализа на програмската понуда на националните радиодифузери
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.