Дебата: Бесцелни работни позиции (1/2)

Огромен број луѓе ја поминуваат својата кариера работејќи задачи кои и они знаат дека нема реална потреба воопшто да постојат

Веќе подолг период се води голема дискусија за иднината на работните места – кои ќе бидат најпосакувани работни позиции, кои работи ќе бидат заменети со роботи, итн. Минатата година, антропологистот и лев-филозоф Дејвид Грејбер ја објави книгата Bullshit Jobs: A Theory (што е разработка на негов познат есеј од 2013) и ја сврте темата малку во поинаков правец (и поинтересен, барем за мене лично).

Грејбер ја почнува својата теза со потсетување на предвидувањето на Кејнз во 1930 дека до крајот на векот технологијата ќе помогне значително да се намали работното време (неговата проценка била на ~15 часа неделно). Но предвидувањата на Кејнз не се оствариле се’ уште и не изгледа дека ќе се остварат во блиска иднина. Напротив, се работи по 40 часа и повеќе и се отворени голем број работни места кои во суштина се безначителни (според тезата на Грејбер). Како што објаснува,

„Огромен број луѓе ја поминуваат својата кариера работејќи задачи кои и они знаат дека нема реална потреба воопшто да постојат. Моралната и духовната штета од оваа ситуација е непроценлива. Тоа е лузна низ целата наша колективна душа. И никој не зборува ништо за ова“.

Тој дообјаснува дека всушност голем број од работните места навистина се автоматизираа (земјоделството сочинува денеска некој ситен % од БДП, а храни огромен број луѓе), но истовремено се отворија илјадници административни, правнички, HR и слични работни позиции. Сите овие „измислени“ позиции тој ги нарекува bullshit jobs – работни позиции кој реално не би требало да постојат во капитализмот каде што ефикасноста е во сржта на системот.

Што е објаснувањето на овој наводен парадокс? Со оглед на идеолошките афинитети на авторот, објаснувањето не е големо изненадување – капитализмот е крив. Имено, „владеачката класа разбира дека среќно и продуктивно граѓанство со многу слободно време е смртна закана за системот“. Па измислуваат (тие таму горе, владеачките елити) работни позиции за да не држат зафатени, да не размислуваме премногу.

Во Македонија знаеме сите од каде потекнуваат „измислените“ работни позиции и каде се наоѓаат, но тезата на Грејбер е дека овој феномен е на широко распространет и во приватниот сектор.

Која е спротивната теза? (продолжува)

Претходна статијаНовиот Skype дојде и на веб верзијата од сервисот
Следна статијаMeizu Zero, смартфонот без физички копчиња, никогаш не бил планиран за масовно производство
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.