Во претходната статија се осврнав на (не)потребата од регулирање на експоненцијално растечкиот технолошки сектор наречен „Интернет на нештата“. Исто така, се осврнав и на спротивставените ставови кои постојат во САД по ова прашање, при што едните се залагаат за рана регулација на новите технологии, припадници на т.н. група на „технопаничари“ додека другите за непречен развој на новите технологии и блага регулација на секторот.

Примери на адаптација по иницијална „технопаника“

Доколку прочепкаме по историјата, можеме да пронајдеме повеќе примери каде што нови технологии јавноста ги дочекала со огромен скептицизам за по одреден период истите да бидат вдомени од општеството. Некои од нив денес претставуваат незаменлив дел од човечкото секојдневие. Во продолжение ќе се осврнам на неколку од нив:

Телефон. Еден од првите изуми кои целосно го поместија човековиот живот беше телефонот. Кога тој бил претставен, јавноста била забезекната од таквиот концепт, а многумина со скепса гледале на оваа чудна направа. Кит Колинс истакнува дека “кога телефонот бил измислен, луѓето го пречекале концептот целосно бизарно. Толку многу што со првиот телефонски именик, објавен во 1878 година, мораше да се обезбеди упатство за тоа како да се започне и заврши еден повик”. Сепак, луѓето брзо се прилагодиле на новиот уред. “На крајот на краиштата, телефонот се покажа премногу корисен за да се напушти неговата употреба во име на елиминирање на социјална непријатност” забележува Колинс.

Фотоапарат. Во раните 1800-ти години имаме уште еден пример за иницијален страв од нагли промени, за подоцна да се случи рапидна општествена адаптација на новите технологии. Ваква технологија беше фотоапаратот за кој многумина сметаа дека ќе биде алатка за нарушување на приватноста на луѓето. Во своето најпознато дело, и општо едно од најпознатите напишани есеи за приватноста „Правото на приватност“, авторите Семјуел Д. Варен и Луј Д. Брандеј го рекоа следново “Инстантни фотографии во комбинација со дневниот печат извршија инвазија врз светото засолниште на приватниот и домашен живот”. Со текот на времето, општествените норми се погрижија за тоа фотоапаратот да стане дел од секојдневието на тогашните граѓани. Дополнително, ризикот од социјален притисок влијаеше на тоа да не се врши нарушување на приватноста од страна на лицата кои ја употребуваа оваа направа.

Gmail. Во 2004, Гугл го претстави Gmail, по што низа на експерти по приватност и пошироката јавност се огласија со темни предвидувања дека истата услуга ќе има разорен ефект врз приватноста на корисниците. Истите велеа дека Гугл на овој начин ќе ни ги чита мејловите. Денеска знаеме колку Gmail е незаменлива алатка за огромен број на корисници (се претпоставува дека бројката е повеќе од 500 милиони корисници). Луѓето едноставно ја воочија ползата од користење на Gmail, кој во тоа време нудеше повеќе од поволни услуги и додатоци во споредба со други емаил провајдери како Yahoo и др. Грижи за приватноста се уште постојат кога станува збор за Гугл, особено после објавата дека всушност биле свесни за постоењето на програмата за шпионирање ПРИЗМА, откако претходно го тврдеа спротивното. Сепак, јасно е дека корисниците повеќе ја ценат удобноста која ја нуди Гугл во користењето на нивните услуги, наместо својата онлајн приватност.

Постојат и други примери, но ова се тие кои обележуваат одредена ера од историјата во која човековиот талент за иновирање се отелотворува во реалноста преку некоја генијална направа. Во сите горни примери првичната реакција била емоционална, со предвидување дека ќе се остварат најмрачните замисливи сценарија од употребата на овие технологии. Тоа што исто така е воочливо е дека во сите горни ситуации луѓето ги прегрнале овие направи, и воочиле огромна полза од нивната употреба, а ги казнувале тие што истите ги користеле за лоши и непопуларни цели.

Денеска живееме во слична доба, каде што телефонот и фотоапаратот се заменети од Google Glass, смартфони и други „поврзани“ направи. Веќе сме сведови на немили настани кои се случуваат како резултат на пенетрацијата на овие технологии. Со текот на времето, и тие ќе станат дел од нашето секојдневие, откако ќе биде воочен нивниот потенцијал за позитивни промени. Еднакво важно е да се најде начин истиот да се оствари, а притоа да биде зачувана и приватноста и безбедноста на корисниците на овие направи. А тоа ќе се постигне без агресивни закони кои го задушуваат потенцијалот на овие иновации. За можни решенија, ќе пишувам во третиот дел од трилогијата на написи.

Претходна статијаXerox лансираше нов мулти функционален уред WorkCentre 6655 Color MFP којшто го олеснува канцелариското печатење и ја зголемува продуктивноста
Следна статијаYouTube започнува со стандардно користење на HTML5 наместо Flash