Како анархист, но истовремено прагматист, гласањето секогаш ми создава внатрешни конфликти. Но уживам во процесот – недела, секогаш сончев убав ден, воглавно одиме неколку пријатели на гласање кои потоа продолжуваме во парк на пиво. Во истото основно школо, во истата училница, истите вмровци и сдмсовци комшии се „набљудувачи“, со пенкало, на лист хартија ја заокружуваш опцијата која веруваш дека најмалку ќе те малтретира.

Имајќи го предвид целиот технолошки напредок, човек се прашува дали не е крајно време за disrupture на „демократските“ процеси?

Патем, веќе подолго време се дискутира и се анализира применливоста на блокчеин технологијата во демократските процеси и колективното одлучување. Како што објаснува Мартин Вајс, „главната предност на блокчеин технологијата е што не дозволува „двојно“ гласање“ (како што впрочем не дозволува double spending во светот на Биткоин и криптовалутите). Имено, замислете систем во кој секое гласање се случува електронски, преку едноставна апликација на смартфон (тие што нема да имаат, ќе има „јавни“ мобилни кои ќе може да се користат во општините). Вметнуваш корисничко име и лозинка (претходно, се регистрираш со биометриски податоци) и си гласаш кога и од каде сакаш.

Еднаш гласаш – и крај. Немаш веќе опција да гласаш пак. Резултатите се инстант, и јавни иако твојот профил е анонимизиран. Исто, резултатите се безбедни и реплицирани на стотици компјутери кои се дел од блокчеинот. Можеби поважно – особено за земји како нашата – медиумите не можат да влијаат врз гласањето бидејќи податоците се јавни и воглавно ќе се комуницираат преку социјалните мрежи. Нема полнење кутии, „бугарски возови“, неважечки ливчиња, (или, снемани ливчиња), ниту пак партиските шпиуни нема да „бројат“ кој од „нивните“ излегол или не излегол да гласа.

Патем, во Западна Вирџинија во САД од годинава во ноември токму ќе се обидат со ваков пилот проект да им дадат шанса на воените лица надвор од државата да гласаат преку мобилна апликација базирана на блокчеин технологијата. Брукингс Институтот веднаш го поздрави потегот.

Секако, не сите се ентузијасти и голем број сајбер безбедност експерти укажуваат на голем број предизвици. Во 2015 во САД е објавена сериозна студија од ИТ експерти кои го истражуваат интернет гласањето и заклучуваат дека сепак „не постои доволно безбедна технологија во моментов која може да се искористи за масовно јавно гласање“.

Сепак, деноноќно се работи на решавање на безбедносните проблеми во блокчеин сферата и верувам дека прашање е на време (2-3 години) кога ќе може да се користи при колективно демократско одлучување. И да ни реши барем дел од проблемите со партиски местенки и влијанија.

Претходна статијаFacebook излезе со детали околу последното хакирање, а еве и како да видите дали сте дел од истото
Следна статијаMicrosoft Teams овозможува заматување на позадината при видео разговори
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.