Спојлери за третата епизода

Не очекував оваа епизода да ми се допадне најмногу, но од трите понуди, оваа ми остави најдобар впечаток (за осврт кон првите две епизоди, овде и овде). Она што најпрво ми сигнализираше дека третата епизода ќе биде најлоша е кастингот на Мајли Сајрус.

Блек Мирор е позната по тоа што бега од мејнстримот, па Сајрус се чинеше како неконвенционален потег на креаторите што остава горчлив вкус во устата. Сепак, таа се снајде добро во оваа улога, која беше и близу кон нејзината реална личност (измачена поп-ѕвезда која е заробеник на поп-машинеријата и својата светска слава).

Ликот на Мајли Сајрус (Ashley O) е глобална поп-ѕвезда која има нагон за креирање на подлабоки песни и текстови. Наместо тоа, таа произведува поп-хитови по налог на нејзиниот агент (која истовремено е и нејзина тетка). Ешли е под дејство на апчиња кои и ги дава нејзиниот тим, кои ја спречуваат да скршнува од својата траекторија на поп-ѕвезда (не се знае како точно и влијаат овие апчиња).

Паралелно на ова, ја следиме и приказната на Рејчел, која е огромен фан на Мајли, односно Ешли. Таа ги обожава нејзините песни и нејзината личност. За роденден добива мало роботче (вештачка интелигенција) што ја има личноста на Ешли. Ова е и главниот НФ аспект на оваа епизода. Целата личност на Ешли е даунлодирана и всадена во ова роботче кое се продава низ целиот свет.

Откако Ешли ќе престане да ги пие своите апчиња и ќе почне да се бунтува против нејзината тетка, нејзиниот тим ја дрогира уште повеќе и ја доведува до коматозна состојба. Додека се наоѓа во кома, тие ја скенираат нејзината потсвест барајќи материјал за нови поп-хитови (да, тука веќе приказната забегува).

Рејчел и нејзината сестра наоѓаат начин да го хакнат роботчето, кое одеднаш ја покажува вистинската личност на Ешли (и пцуе на секоја втора реченица). Тоа им ја открива вистината за Ешли и нејзиниот тим. Охрабрени, тие се обидуваат да ја спасат Ешли од канџите на нејзиниот тим.

После неколку комично лоши и апсурдни сцени, тие успеваат во својата мисија. Тетката на Ешли е поразена. Ешли ја прекинува својата поп-кариера и формира бенд со сестрата на Рејчел. Сега може да ја прави музиката што најмногу и прилега – лош рок.

Пресуда

Епизодата најмногу ми се допаѓа поради футуристичкиот амбиент што го има. За разлика од претходните две епизоди, оваа најмногу делува како да се одвива во некое идно дистописко општество. Повторно, идеите се на место. Интересно е да се размислува за ВИ помошници што ќе ни се мотаат низ домот и со кои ќе можеме да комуницираме како со човек (замислете роботче со гласот на Арнолд Шварценегер). Идејата со генерирање нови песни преку скенирање на мозокот е исто така материјал за цел филм сам по себе. Но во оваа епизода, таа идеја изгледа смотано.

Оваа епизода пати од слични пропусти како и претходните две. Приказната, иако не е толку предвидлива како останатите две, е претерано комична. Начинот на кој двете сестри ја спасуваат Мајли е комплетно бесмислен. Епизодата се дави во клишеа. Глумата е солидна, и во подобри раце, оваа епизода можеше да биде далеку поквалитетна.

На крајот, разочарувачка сезона за стандардите што ги постави Black Mirror. Да се надеваме дека следната ќе понуди нешто подобро.

Оценка: 6.5/10

Оцена на сезоната: 6/10

Претходна статијаКој е најдобар “ПР специјалист“ во хрватската политика дознајте на Викенд Медиа Фестивал
Следна статијаЧетири ситуации во кои „се забораваме“ користејќи ги нашите смартфони