8631889823_48c97e00cf_b

Првата peer-to-peer децентрализирана дигитална валута, Биткоин, се основа на три вградени механизми кои ја прават една од најважните иновации во финансиско-технолошкиот свет во Интернет-ерата. Во претходниот дел зборував за првиот, а можеби и најважниот механизам – „јавниот, дисперзираниот регистар“ на трансакции, таканаречениот block-chain. Вториот и третиот механизам се „копањето“ биткоини и инхерентната реткост (scarcity), покрај самиот факт што Биткоин е open-source софтвер.

„Рудари“ и „копање“ биткоини

Ризикот да се обезбеди интегритет на платниот систем на Биткоин, но и ќарот за оваа важна функција, е дисперзиран помеѓу голем број „рудари“ (Сатоши Накамото изгледа сакал да направи аналогија со рудниците за злато, со таа разлика што неговите „рудари“ „копаат“ биткоини преку компјутер). „Рударите“ имаат двојна улога: да ги верификуваат и „заведат“ во јавниот регистар трансакциите помеѓу Биткоин корисниците, а за награда добиваат биткоини со што всушност влијаат и врз паричната понуда.

Секој може да учествува во овој процес. Биткоин софтверот може бесплатно да се сними и да се фрлиш на „копање“. Сепак, за разлика од почетокот кога повеќето „рудари“ беа обични граѓани „копајќи“ биткоини со добри домашни компјутери, веќе „копањето“ е голем конкурентен бизнис кои воглавно се води од здружени тимови (pools) кои располагаат со илјадници компјутери со специјализиран софтвер за оваа функција.

Откако ќе се иницираат неколку стотици трансакции, „рударите“ ги собираат во „блок“ чија валидност ја верификуваат преку решавање одредени математички равенки („хаш функција“).Оној кој прв ќе реши математичка равенка добива 25 биткоини кои денеска вредат околу 6.900 долари, со што се обезбедува поттик за „рударите“ да учествуваат во системот.

Начинот на кој ја вршат верификацијата според многумина е брилијантно програмерско решение кое искрено не го разбирам баш најдобро (тука видете за едноставен графички приказ на биткоин трансакција; а тука може да прочитате повеќе од програмерски аспект). Она што е битно решенијата на овие равенки се објавуваат на биткоин мрежата и другите „рудари“ ги проверуваат и потврдуваат. Оние „блок трансакции“ кои се верификувани се реализираат и се регистрираат на „јавниот регистар“ (block chain) и можноста за измама е минимизирана поради транспарентноста на процесот (иако не и невозможна – видете тука на крај од текстот за две потенцијално можни начини за измама и „кување“ на „јавниот регистар“).

Стабилна, автоматизирана и предвидлива парична понуда на биткоини

Третата клучна иновација вградена во Биткоин платформата е автоматската контрола на понудата на биткоини, т.е. инхерентната гарантирана реткост на валутата. Имено, како се зголемува паричната понуда, математичките равенки кои ги решаваат „рударите“ стануваат се потешки и потешки, а и на секои четири години за 50% се намалува бројот на биткоини кои се „копаат“ за секоја верификација на блок трансакции, со што се обезбедува стабилен, предвидлив и контролиран раст на монетарната база по автоматизам. Згора на ова, самиот софтвер има дефинирано горен лимит – 21 милион биткоини може да се „ископаат“ до 2140 година по што нема да може да се влијае врз паричната понуда.

Како што реков на почетокот, Биткоин е можеби една од најголемите иновации во модерниот технолошко-финансиски свет и потенцијалот на новитетите вградени во овој протокол се огромни. Некои дури и сметаат дека технологијата позади Биткоин има голем потенцијал за примена во не-финансиски области, вклучувајќи и потенцијал целосно да го промени политичкото владеење.

дополнителни извори за запознавање со Биткоин:

http://www.coindesk.com/information/what-is-bitcoin/

http://www.coindesk.com/math-behind-bitcoin/

http://www.coindesk.com/information/bitcoin-glossary/#blockchain

http://www.forbes.com/sites/kashmirhill/2013/05/09/25-things-i-learned-about-bitcoin-from-living-on-it-for-a-week/

https://bitcoin.org/en/faq

Претходна статијаЕксперимент (веројатно) докажува дека квантното заплеткување постои – и дека Ајнштајн бил грешка
Следна статијаAmazon Dash копче – револуција во пазарувањето?