Станува збор за можеби една од најголемите иновации во модерниот финансиски свет, лансирана уште на почеток од 2009 година.[1] Оттука, многу веројатно веќе сте чуле за Биткоин. Наједноставно кажано, Биткоин е дигитална (крипто) валута со свој платен систем кој прилега на Интернет-ерата. За самиот корисник, Биткоин е обична мобилна апликација со која добиваш дигитален новчаник (нешто слично како Google wallet) преку кој плаќаш и те плаќаат со биткоини (ознака: BTC).

Сепак, Биткоин е многу повеќе од „обична мобилна апликација“ или хакерска занимација. Биткоинот е првиот платен систем во кој корисниците можат директно да разменуваат биткоини преку Нет без посредништво на трета страна. Со компјутерско-финансиски речник, биткоинот е првата peer-to-peer децентрализирана виртуелна валута. Една од клучните новели е во тоа што од процесот на размена е исклучен централниот авторитет (читај: државата – централните банки) кој претставува гаранција на системот и е заменет со децентрализирано решение во кое системот го гарантираат и креираат ијладници учесници.

  1. Решавање на „проблемот на двојна потрошувачка“

Во 1980 година, математичарите M. Peace, R. Shostak и L. Lamport го објавуваат т.н. „Проблем на византиските генерали“ – како различни страни ќе знаат дека одредена информација која е дигитално разменета претставува консензус, без да се потпираат на трета страна. Во суштина, истиот проблем се јавува и кај „двојната потрошувачка“ – опасноста едните исти парични единици да бидат искористени два или повеќе пати поради асиметричноста на информации (за пошироко едноставно објаснување на овој проблем видете тука).

Едно можно решение на овој проблем е еден централен ентитет да ги верификува трансакциите и да чува записи од истите во дигитални конта. Проблемот со ова централистичко решение е што постои сериозна концентрација на моќ во еден ентитет, а со тоа и ризик на целиот систем доколку овој играч се обиде да ја злоупотреби својата позиција. На страна што ќарот е концентриран во неколку ентитети (нормално, поради тоа што го превземаат ризикот).

Елегантното иноваторско решение на Биткоин е во создавањето на еден вид на „јавен регистар“ (block chain) во коj се заведени сите трансакции на еден генерално безбеден, транспарентен и децентрализиран начин. Боб Марфи го објаснува сликовите „јавниот регистар“ како Excel документ со кој раководат илјадници сметководители и кој е јавно достапен за секој. Потехнички објаснето:

Биткоин користи механизам заснован на логови на трансакциите со кои се спречува двојна потрошувачка. Секој биткоин има свој лог од дигитален потпис, кој го следи вистинскиот пат на трансакцијата. Овој лог е отворен за секого, па така секој може да го верификува патот на трансакцијата.

колумната продолжува…

—————————————————-

[1] Биткоин е за прв пат претставен од анонимниот Сатоши Накамото во октомври 2008 година со објавување на студијата (proof of concept) „Bitcoin: A Peer-to-Peer Electronic Cash system“.

Дополнителни извори за запознавање со Биткоин:

http://www.coindesk.com/information/what-is-bitcoin/

http://www.coindesk.com/math-behind-bitcoin/

http://www.coindesk.com/information/bitcoin-glossary/#blockchain

http://www.forbes.com/sites/kashmirhill/2013/05/09/25-things-i-learned-about-bitcoin-from-living-on-it-for-a-week/

 

Претходна статијаЧадор кој нема да ви дозволи да го заборавите
Следна статијаНајчудната камера во форма на пиштол ги принта сликите на сметка