Признавам – време е да пишеме став за Libra на Фејсбук (како вест веќе објавивме), но ни треба уште некој ден да го разгледаме White Paper-от и да прочитаме што велат „луѓето од фелата“.

Дотогаш, да продискутираме за Биткоин и социјалната нееднаквост. Што можеме да очекуваме?

Прво, 2-3 збора за нееднаквоста.

Како што е објаснето тука, нееднаквоста не е неморална и економски штетна сама по себе! Фактот дека слободните луѓе не се еднакви (во економска смисла) е природен и позитивен. Едноставно, економијата не е т.н. zero-sum game и богатството не е ограничено – во слободна пазарна економија успехот на едни граѓани не е на сметка на другите и „питата“ (може да и најчесто) расте. Ако имаш одличен инженер или менаџер во фирмата кој зема повисока плата од тебе најверојатно ќе значи дека фирмата ќе бележи подобри резултати од кои и ти ќе добиеш покачување.

Нееднаквоста е позитивна се додека е пазарна – богатењето се заснова на иновации, инвестиции и сопствен труд; кога се заснова на политички привилегии и слични не-пазарни бенефиции, тогаш нееднаквоста е негативна и треба да се сузбиваат овие канали на богатење.

Каде доаѓа Биткоин во приказната?

Инфлација – покачување на општото ниво на цените како резултат на принтање пари. Свежо испечатените пари прво стигнуваат во рацете на Владата, банките и големите играчи кои имаат лесен пристап до финансии. Како кружат парите низ економијата, додека стигнат до рацете на обичниот народ веќе цените се покачени. Пензионерите, сиромашните, па дури и сите оние кои имаат договор за вработување во кој нема „анти-инфлаторна одредба“ (или не добиваат често покачувања) пополека осиромашуваат (логично, во зависност од стапката на инфлација). Инфлацијата е еден од не-пазарните фактори за зголемување на нееднаквоста.

Како што објаснува Помп, еден од најактивните луѓе во крипто заедницата, Биткоин е децентрализирана дигитална валута која е дел од анти-инфлаторен монетарен систем. Буквално, Биткоин има ограничен износ на емисии на биткоини (21 million supply cap) кои се „пуштаат во оптек“ врз основа на транспарентна шема која станува се потешка и потешка налик на копањето злато. Доколку Биткоин стане глобална општо-прифатена валута ќе го неутрализира инфлаторниот ефект на парите како една од причините за не-пазарно/вештачко зголемување на нееднаквоста.

п.с. Критичарите аргументираат дека и биткоините имаат сериозно нееднаква дистрибуција. Еве накусо одговор од А. Антонопулос на ова за кој го интересира.

Оставете коментар