Дебата: Бесцелни работни позиции (2/2)

Голем број на бесцелните работни позиции во денешното општество се директен нус-производ на прекумерната регулација на пазарот

Во претходниот дел ја изложивме контроверзната теза на филозофот и антропологот Дејвид Грејбер за т.н. бесцелни работни позиции (bullshit jobs). На кратко, тезата е дека во капитализмот (не само во јавниот сектор, туку и во приватниот) се поголем и поголем број работни позиции се тотално бесцелни. Од разни административни позиции до HR, правници, итн. Ова е поради тоа што иако постојат технолошки можности да се намали работното време и сите да работиме многу помалку, „владеачките елити“ сакаат да не држат окупирани со глупости, да не размислуваме за неправедноста на системот.

Во овој дел ќе објасниме контра теза.

Родерик Лонг, про-либертаријански филозоф, одговара дека голем дел од овие bullshit jobs се резултат на огромниот број на регулативи кои преовладуваат денеска во модерните општества. Разните регулативи изискуваат голем број на административни работници и правници кои ќе го минимизираат т.н. compliance risk на фирмите. Лонг објаснува дека често регулативите се излобирани („нарачани“) од самите фирми – со што ефективно го отежнуваат влезот на пазарот на нови играчи. Јас би додал и дека голем дел од регулативите се резултат на побарувачката од самите граѓани и демократските процеси и очекувањата што граѓаните ги имаат од Државата (пр. спречување финансирање тероризам води кон строги закони кои пак водат кон цели сектори во банките кои се „очите“ на Државата).

Едноставно, денешните економии се водени колку од „реалните“ потреби на граѓаните (храна, забава, здравство, и сл.) толку се и од „политичките“ потреби (приватност, заштита од дискриминација, заштита од тероризам, итн.).

Едноставно, Лонг иако се сложува дека постојат голем број на бесцелни работни позиции во денешното општество истите во голема мера се директен нус-производ на прекумерната регулација на пазарот.


За крај, би додал и јас 2-3 збора за темата. Колку и да е интересно да се пристапува „филозофски“ и „длабоко“ на овие прашања, многу веројатно одговорот е многу поедноставен.

Имено, скоро невозможно е, од страна, да определиме која работна позиција е bullshit job, бесцелна, непотребна. И ова го признава и самиот Грејбер, но сепак се обидува да даде одговор кој го поткрепува со куп анкети низ цел свет во кој дали одредена позиција е бесцелна ја оценуваат самите работници кои ја работат позицијата.

Проблемот со овој пристап е работникот најчесто не ја знае целата слика туку работи специјализиран сегмент од целиот процес кој често е репетитивен и после извесно време станува и досаден. Не ја гледа „големата слика“. Само работодавачот и главниот директор може да процени (што не е лесно!) кој и зошто е потребен во целиот работен процес кој е прилагоден за задоволување на потребите и барањата на потрошувачите изразени на паарот. Со други зборови, само пазарот може да ја определи вредноста и потребата од одредена работна позиција а не професор од Британија или самите работници.

Претходна статијаGVG глобалниот снабдувач на ИТ решенија за влади и регулаторни тела отвори своја канцеларија во Мадрид, Шпанија
Следна статијаБританска банка тестира дебитни картички со вграден сензор за отпечатоци на прсти
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.