Перидов се изнаслушавме и изначитавме за тоа како вештачката интелигенција ќе не пороби. Како роботите ќе ни ги земат работните места и како ќе се зголеми јазот помеѓу богатите и (по)сиромашните.

Овие алармирања добија на легитимитет по инцидентот во кој автономно возило усмрти пешак (постојат индикации дека системот за автономно возење на УБЕР е развиван во чудни околности).

И навистина, ваквите инциденти можат да се избегнат доколку во моментов постои поголем човечки инпут во вештачката интелигенција. Секоја технологија во развој е очекувано да има проблеми во својата примена. Сепак, тоа треба да се прави во услови каде што нема да бидат загрозени човечки животи. Тоа секогаш треба да биде приоритет.

Но, без разлика на големите пропусти кои се случуваат, и кои ќе се случуваат во иднина, кога се работи за реална примена на вештачка интелигенција, треба да се има предвид и нивната позитивна страна.

Да се оттргнеме од сликата за ВИ како злобни роботи кои сакаат да го доминираат човештвото. Наместо тоа, да се фокусираме и на некои позитивни аспекти од примената на ВИ.

Како примерот во кој ВИ може да детектира рани знаци на Алцхајмер болеста. Научниците од МИТ во САД создале уред кој се закачува на ѕид, кој функционира слично на wi-fi уред, но со далеку помала моќ на сигналот. Тој ги детектира движењата на луѓето кои се наоѓаат во собата, односно динамиката на чекорење, легнување, седнување и станување.

Анализирајќи ги движењата, уредот забележува отскокнување од нормалните шеми на движење. Раното забележување на симптоми на Алцхајмер е корисно од повеќе аспекти. Оние кои ги имаат симптомите можат да почнат порано да се лекуваат и да спречат сериозен прогрес на болеста. Дури и да ја елиминираат.

Како што ваквите и слични системи се развиваат понатаму, ќе се прошири и нивната примена на повеќе полиња во медицината. Тоа би довело до вчудоневидувачки напредок во лечењето на сериозните болести и продолжување на животниот век.

Претходна статијаMicrosoft тврди дека успешно го има „разградено“ кодот на FinFisher
Следна статијаЗлатен медал за Симона Заборска на Балканското Првенство во Истанбул