Жаклина Анѓелковска, Божиновски инженеринг

Посветена, одговорна, амбициозна. Архитектурата и’ е животна пасија. Сака да создава решенија од светски калибар. Моментално работи во реномираното архитектонско студио Божиновски инженеринг. Станува збор за Жаклина Анѓелковска, една од најдобрите магистри на Архитектонски. Еве што таа ни раскажа за Смартпортал ??

1. Претстави ни се накусо ?

Јас сум Жаклина Анѓелковска, млад архитект кој започнува да го формира својот професионален креативен карактер. Имам 25 години. Како личност сум многу комуникативна, одговорна и организирана. Секогаш наоѓам време за дружење со пријателите и посета на некое интересно место. Секако, тука е и семејството без чија поддршка не би успеала да бидам она што сум.

2. Зошто архитектура, која е твојата приказна? ✍ 

Отсекогаш сум била вљубеник во уметноста и во цртањето. Од најмала возраст слободното време го користев за цртање и велев дека сакам да станам уметник. Од друга страна пак, како ученик ја обожавав математиката, техничкото цртање и се што има врска со прецизност. Архитектурата е таа која што ги обединува сите овие аспекти и токму затоа стана моја животна определба. Се запишав на Архитектонскиот факултет во Скопје и интегрираните петгодишни студии успешно ги завршив со просек 9.56. Во јануари оваа година се здобив со титулата- магистер инженер архитект.

3. После дипломирањето, на какви проекти си работела и кој тип на објекти ти се најинтересни? ?

Имав среќа уште додека студирав да го почуствувам професионалниот живот, така што една година додека го спремав магистерскиот труд паралелно бев практикант во Божиновски инженеринг. Станува збор за успешно архитектонско студио од Тетово, каде сега сум и вработена. Во Божиновски инженеринг имам можност да работам со професионалци кои имаат повеќегодишно работно искуство. Тие несебично го пренесуваат своето знаење на помладите колеги.

Најважно во архитектурата е да научиме да го разбираме просторот, за да може потоа да создаваме простор. Природата на нашата професија е да разбереме одредена задача и да го создадеме односно испроектираме најквалитетното решение. При проектирањето секогаш ја имам на ум мислата дека архитектурата треба да зборува за своето време и место, но да тежнее кон безвременост. Впрочем, ова го пропагирал и познатиот американски архитект Frank Gehry.

Божиновски инженеринг

Досега имам работено на повеќе проекти од различни области и секој од нив е посебна приказна. Стопански, индустриски, деловни објекти, а најмногу индивидуални станбени објекти. Тие според мене се најинтересни, но истовремено претставуваат и голема одговорност. Тоа е зошто се проектира простор кој треба да влијае позитивно на животот на луѓето во него, простор во кој тие луѓе ќе го поминуваат најголемиот дел од времето.

4. Кои се плановите за во иднина, и на личен и на професионален план? ?

Процесот на учење архитектура никогаш не престанува. Секојдневно се појавуваат нови технологии, материјали, начини на градење, и секој успешен архитект треба да биде во тек со новите случувања од својата област. Некогаш проектите се исцртувале со молив на хартија. За среќа, денес, со напредокот на технологијата целиот  процес на проектирање е во голема мера олеснет.

Јас како архитект работам со неколку компјутерски програми: АutoCAD, ArchiCAD, Artlantis и SketchUp. Секако дека планирам и понатаму да се надоградувам и на личен и на професионален план. Ова планирам да го постигнам преку посета на различни курсеви, предавања, дискусии, изложби и учење на нови програми. Програмите се навистина потребни, бидејќи се користат во областа на проектирањето и 3Д визуелизацијата која денес е многу актуелна.

5. Што би им порачала на нашите читатели? ?

Имајте позитивен став, верувајте во себе, донесувајте мудри одлуки. Користете ја вашата имагинација и бидете истрајни. Продолжете да работите на остварување на своите цели и соништа – само со работа ќе станете успешни во својата кариера. И секако, следете ги Божиновски инженеринг на социјалните мрежи ?

А вие драги читатели, доколку уживате во нашите содржини, лајкувајте ја нашата фејсбук страница и бидете во тек со сите новости✌

Претходна статијаВо системот на Bitcoin трансакции тајно вградена детска порнографија?
Следна статијаНе сакаш да избришеш Фејсбук? Тогаш барем користи го мудро