Бојан Ковачки, X-review, ФИНКИ, TUC, веб програмирање

Oд студент на ФИНКИ до магистрант на Техничкиот Универзитет во Кемниц, Германија. Разговаравме со младиот и амбициозен Бојан Ковачки. Со тим студенти од истиот универзитет работат на нивниот продукт X-review. Еве што ни раскажа Бојан за неговите досегашни искуства, како и за апликацијата која ја развиваат со колегите ⬇

1. Раскажи ни нешто за себе. Кој е Бојан Ковачки?

Јас сум 26 годишен студент на магистерски студии на техничкиот универзитет во  Кемниц (TUC), Германија, насока веб инженеринг. Се вработив веднаш по завршувањето на моите додипломски студии. Студирав на ФИНКИ. После 2 години работа во некои од софтверските компании во Скопје, одлучив дека сакам да го продолжам моето академско патување. Ја избрав Германија, бидејќи е земја на инженери. Што се однесува до универзитетот, се одлучив за техничкиот универзитет во Кемниц, бидејќи е еден од двата универзитети во Германија кои нудат магистерски студии за веб инженеринг.

2. Што е разликата помеѓу студирањето во Македонија и Германија?

Јас лично сметам дека квалитетот на образованието на нашите факултети не е многу различно. Имаме одлични и спремни кадри. Како и да е, би сакал да потенцирам дека има голема разлика во односот на професорите и асистентите кон студентите. Во Германија, тие се однесуваат како да ти се пријатели. Не ти се обраќаат “од високо”, туку од позиција на колега, или уште подобро, пријател. Професорите се дружат со нас после часовите, заедно јадеме во универзитетската менза (патем, деканот е редовен таму секој ден). Многу се пристапни и доста ни помагаат, што не е баш случај во Македонија.

X-Review, стартап, Бојан Ковачки

3. На што работите ти и твојот тим моментално?

Ние работиме на продукт наречен “X-review”. Станува збор за веб апликација од областа на електронска трговија. Таа им овозможува на корисниците податочна анализа, споредба на цени, предвидувања за намалување на цените и анализа на оставениот фидбек од купувачите.

Бизнис логиката на нашиот софтвер се заснова на машинско учење, поточно обработка на природни јазици и анализа на огромно множество на податоци. Моментално сме во фаза на собирање мислења за потребата од ваков продукт. Би било супер доколку можете да ни помогнете со тоа што ќе ја одговорите нашата анкета? За тие што ги интересира повеќе, промотивното видео за X-review можете да погледнете тука.

4. Како ја добивте идејата за ваков продукт?

Нашиот тим се состои од 4 членови. Сите имаме претходно работно искуство, иако сме мастер студенти на техничкиот универзитет во Кемниц. Со комбинација на нашето искуство и знаењето што го стекнавме за време на студиите, формиравме тим способен да работи на проекти во областа на машинското учење и анализа на големи податочни множества. Сите сме интернационалци – доаѓаме од Македонија, Турција, Индија и Бангладеш.

Кога дојдовме во Германија, откривме дека онлајн шопингот тука е доста популарен. Почнавме да го анализираме однесувањето на купувачите и продавниците. Дојдовме до заклучок дека купувачите се спремни да потрошат повеќе во одредени периоди. Од друга страна, се покажа дека и продавачите сакаат да даваат намалувања на производите во одредено време. Токму ова не’ инспирираше да креираме софтвер кој ќе предвидува кога продавачите ќе понудат намалување на нивните продукти.

5. Кои се твоите планови во иднина?

Јас сеуште не сум одлучил дали сакам да продолжам со моето академско надоградување, односно дали да станам доктор на науки или да се вработам. Како и да е, и понатаму ќе продолжиме да работиме на апликацијата која ја развиваме. Во меѓувреме, активно бараме инвеститори. Целта е од проектот да се излезе стартап, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите.

Доколку ви се допаѓа статијата, следете го Смартпортал и на социјалните мрежи ?

Претходна статијаЖан Митрев Клиника одбележа 18 години
Следна статијаSamsung ќе го промени името на Galaxy серијата