Веруваме дека голем дел од нашите читатели првпат се сретнуваат со Kindhack настанот, па би сакале за почеток да ни објасните што тој претставува, од кога се организира и што е неговата цел ?

Една од целите на овие настани е да се соберат на едно место сите креативни програмери, дизајнери и софтвер тестери и да изработат софтверски решенија, со цел олеснување на секојдневните предизвици со кои се соочуваат невладините организации. Ова ќе биде четвртиот по ред добротворен хакатон, организиран од страна на холандската ИТ компанија Симфони Солушнс, а прв настан од ваков тип кој го организира во канцелариите во Скопје, кои се отворени во мај, 2016 година.

Од каде доаѓа името на овој настан и кој дел точно е објаснет со него?

Името е кованица од три збора, kind-добра, heart-срце, hackathon-хакатон, што во превод значи кодираме за добро и од срце.

Каков е интересот на програмерите и дизајнерите во Македонија за настанот?

Со оглед на тоа дека е првиот настан од вакоп тип за нас, би рекла дека сме изненадени од бројот на пријавени учесници. На првиот KindHack хакатон учествуваа 21 учесник, кои беа групирани во 4 тима, под ментoрство на 6 искусни ментори.

Колку невладините организации можат да очекуваат од овој настан и дали има некое искуство кое го покажува истото?

Поголемиот дел сработени проекти на KindHack настаните се веќе LIVE, што за нас претставува огромен успех. Најчесто, по завршувањето на секој настан, се трудиме да останеме во контакт со организациите и самите учесници на хакатонот.

Која е конкретно вашата улога во целата оваа работа ?

Од мојата улога како ментор се очекува да бидам тука за учесниците во текот на целиот настан, да одговарам на нивните прашања во врска со проектите и да им пружам помош доколку заглават. Доколку во членовите на тимот нема експерт од мојата област, тогаш јас треба да им помогнам со моето знаење и да им ги дадам потребните насоки се со цел да го изградат проектот најуспешно што може.

На секој може да му се случи да не е инспириран во моментот, па мојата улога би била да помогнам со давање идеи на тимовите. Идејата на хакатонот е да се соберат повеќе учесници со различно ниво на знаење, од нив да се формираат тимови чии што членови ќе имаат различна експертиза и заедно да се потрудат да го постигнат најдоброто за тие два дена.

Дали имате некои генерални совети за младите кои се обидуваат во ИТ светот ?

Според мене најдобар совет е да се секогаш во тек со најновите технологии, да пробаат да црпат знаење од поискусните од нив и никогаш да не се откажуваат, туку да си зацртуваат цели кои ги сакаат и да се стремат кон нивно постигнување.

Како поранешен предавач на една од академиите, можам да кажам дека заинтересираноста од страна на младите е голема, но мора да се запамти дека како и сите професии, така и програмирањето побарува многу труд и време и барем на почетокот се додека да се стекнат со некое основно знаење, мора да се посветат целосно на тоа.

Дали мислите дека има голем потенцијал, барем во оваа област во нашата држава ?

Моментално во нашата држава има повеќе факултети од оваа област, како и голем број на академии и курсеви. Според сознанијата кои ги имам, мислам дека заинтересираноста е огромна. Мислам дека секоја година бројот на квалитетни кадри се повеќе и повеќе се зголемува. Тоа значи дека младите ја гледаат побарувачката на кадар од оваа област на нашите простори и тоа уште повеќе ги мотивира што побрзо да завршат и да бидат сигурни дека доколку се труделе, работното место ќе им биде загарантирано. Сепак, од друга страна тука се и многубројните компании, кои што според мене треба да им ги отворат вратите на новопечените програмери и да им пружат можност да ги докажат своите квалитети. Никој не се родил сениор, па затоа секој треба да има прилика да почне да ја гради својата кариера негде и да учи од поискусни програмери.

Како според вас може да се искористи најдобро времето кое ни е на располагање, да се постигне повеќе, но сепак да се задржи еден „нормален“ живот ?

Една од најбитните работи е да знаеме точно што сакаме да постигнеме. Тоа значи дека треба да си поставиме цели и да се стремиме кон нивно исполнување. Мислам дека исто така една од побитните работи е да бидеш сконцентриран кон една работа во даден момент, наместо честа промена на задачите. За мене е најважно однапред да испланирам како ќе ми бидат завршени обврските и да го најдам најефективниот начин за нивно завршување.

Претходна статијаСамсунг ги претстави новите Galaxy J6+ и Galaxy J4+ паметни телефони
Следна статијаЕксклузивна премиера од втората сезона на одличната криминалистичка комедија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.