Ѓорги Селков, Часот на планетата Земја

Уште три дена не’ делат од спектакуларниот настан “Часот на планетата Земја”. Меѓу другите земји, како поддржувач ќе биде и Македонија. Идејата е да се подигнe свеста за климатските промени и заштитата на биодиверзитетот на нашата планета. По овој повод, разговараме со Ѓорги Селков, организатор на оваа иницијатива на нашите простори. Тој верува дека со заеднички напори и ентузијазам може да се направат големи промени. Еве што тој ни раскажа за Смартпортал ??

1. Кој е Ѓорги Селков?

Јас сум 23 годишен програмер по професија, а по хоби новинар. Голем љубител сум на природата и животната средина. Покрај ова, веќе шеста година по ред сум главен организатор на акцијата “Часот на планетата Земја во Македонија“.

2. На што се однесува “Часот на планетата Земја”? За што станува збор поконкретно?

Ja предизвикавме природата на двобој, без да размислуваме за последиците.  Пред нејзината моќ и боговите молчат. Свесни сме за силниот ефект од климатските промени кои ги чувствуваме дури и во нашата земја. Екстремно топли лета, поларни зими, големи временски промени. Сето тоа се само дел од пораките кои природата ни ги испраќа дека нешто не е во ред.

Покрај климатските промени, Земјата се соочува и со опаѓање на биодиверзитетот. Биодиверзитетот пронајден на нашата планета денес се состои од многу милиони различни биолошки видови. Тие се производ на четири милијарди години на еволуција. Проблемот е што ние, со нашето дејствување, на некој начин го попречуваме нивното живеење на планетата.

Ѓорги Селков, Часот на планетата Земја, Earth hour

Губењето на биодиверзитетот се случува во близина на секој од нас во многу поголем размер отколку што мислиме. Ако сега не реагираме на намалувањето на биодиверзитетот, нашите градови би можеле да исчезнат под вода, цените на нашата омилена храна би можеле да се зголемат и слично.

Токму затоа постојат еколошките акции, како “Часот на планетата Земја” –  најголемата светска еколошка акција. ?Таа ќе се одржи за три дена, на 24-ти март, точно во 20:30 часот ?. Со неа, преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час, се испраќа силна порака за спас на нашата планета.

Оваа акција започнува во веќе далечната 2007 година во Сиднеј. Денес, 11 години подоцна, прераснува во светско еколошко движење кое мотивира милиони индивидуалци, влади и бизниси. Вклучени се 7000 градови од преку 180 држави, меѓу кои е и Македонија. Кај нас ова се организира деветта година по ред. Годинава, под слоганот „Поврзи се со планетата“, уште еднаш ќе обединиме милиони луѓе ширум светот за спас на Земјата. Таа е нашиот единствен дом.

3. Зошто одбра токму ваков настан и дали си единствениот организатор од Македонија?

Можам да кажам дека настанот ме одбра мене. Пред неколку години за првпат прочитав за акцијата “Часот на планетата Земја”. Како страстен новинар бев воодушевен од идејата дека милиони луѓе ширум светот можат да се обединат за една заедничка причина. Впрочем, токму преку исклучувањето на светилките може да се испрати силна порака дека луѓето ја сакаат и се грижат за планетата Земја. Веднаш помислив дека Македонија треба да биде од оваа акција.

По кратко истражување, добив пристап до официјалната видео реклама за акцијата таа година. Ја преведов на македонски јазик и дистрибуирав до нашите медиуми, што наиде на голема заинтересираност. Веднаш потоа, бев контактиран од тимот на WWF и канцеларијата на “Часот на планетата Земја“. Тие ми понудија да бидам претставник на акцијата во Македонија и оваа понуда со задоволство ја прифатив.

Никогаш не би помислил дека можам да бидам дел од едно такво големо светско еколошко движење. Но, токму тоа е уникатноста на “Часот на планетата Земја“. Тоа е движење кое се шири низ светот и секој, секаде може да се вклучи, да инспирира и да направи промена во своето општество.

Часот на планетата земја, Earth Hour Macedonia

4. Колку Македонија придонесува за климатските промени? Што треба да смениме?

Македонија се најде на осмото место на табелата на најзагрозени земји во светот од климатските промени за 2016 година, пренесува Дојче Веле. Во претходната анализа од 2015 година, се наоѓавме на високото 18 место. Тоа се навистина поразителни бројки и нашиот народ мора да се свести дека климатските промени ни се случуваат сега и тука. Мора да преземеме акција за нашата сигурна иднина на оваа планета која е наш заеднички дом. Инаку, Македонија е една од земјите која го ратификува Парискиот Договор за климатски промени.

5. Колкава е свесноста за ваков тип на акции кај нас?

Оваа година можеме да се пофалиме со рекорден број од 80 локации кои ќе потонат во мрак за “Часот на планетата Земја“. Ако споредиме со првите години кога имавме по 2-3 локации кои ги исклучуваа светилките, можеме да заклучиме дека општините во Македонија се освестуваат и ја сфаќаат важноста за ваквиот тип на акции. Исто е и кај граѓаните, владиниот и невладиниот сектор, а поддршката расте од година во година.

Нешто слична е ситуацијата и на глобално ниво. Можеби исклучувањето на светилките во вашиот дом нема да направи голема разлика локално, но замислете го ефектот кога милиони луѓе ширум светот, во сабота во 20:30 часот ќе ги исклучат светилките. За колку моќна порака станува збор, испратена од многу места во исто време. Практично, сите заеднички порачуваме дека на планетата и’ е потребна акција за спасување веднаш и сега. Тоа е моќта која индивидуалецот ја има за да направи промена.

Како можете вие да направите промена?

Исклучете ги светилките на 24 март и споделете ја статијата на вашиот профил. Ајде да ја направиме иницијативата вирална ✊

ИИИИИ секако, следете го Смартпортал на социјалните мрежи ✌

Претходна статијаYouTube тестира слика-во-слика функција на десктоп
Следна статијаСамсунг и Дизни креираат магија со пиктографи за изменета реалност (AР емоџи) за Самсунг Галакси С9 и С9+