YouTube мануелно ќе ги прегледува популарните видеа пред на нив да постави било каков рекламен материјал. Ваквиот потег доаѓа по низата обвиненија од страна на компании кои плаќале за рекламирање на популарната платформа. Имено, нивните реклами биле поставувани на видеа кои промовираат религиозна или етничка нетрпеливост или пак расизам.

Ваков вид на контрола ќе биде воведен за прв пат од постоењето на платформата. Компаниите заинтересирани за промоција преку YouTube ќе имаат можност нивните реклами да ги пласираат на видеа кои се обележени како Google Preferred. Во оваа квалификација ќе влегуваат видеа од канали кои се мануелно прегледани, а нивната содржина е Ad-friendly.

Ваквата пракса се очекува да започне кон средината на февруари. Промените ќе ја зафатат и т.н. YouTube Partner Program-а. За учество во истата, претходно корисниците мораа да имаат над 10.000 прегледи на својот канал. Од сега, ќе им бидат доволни само 1.000 „потписници“ и 4.000 часа гледаност во изминатите година дена.

Последен во низата скандали кој доведе до ваква реакција од YouTube е оној со популарниот блогер Логан Пол. Пол, кој има „армија“ од 15 милиони следачи на едно од своите видеа прикажа тело на човек кој се самоубил. Во јавноста следеше бура од реакции иако реално сме гледале и многу пошокантни видеа на интернет.

Извори: The Guardian, CNN

Претходна статијаMeizu го претстави M6s со сензорот за отпечатоци поставен на страната од уредот
Следна статијаSony ќе се приклучи во групата на најдобрите со Xperia XZ Pro?