9qheijpvtu9g5dteqvvw

Kim Dotcom можеби и немаше да ни биде толку познат доколку не беа неговите проблеми со американските и новозеландските власти околу неговиот тогаш доста популарен сервис Mega Upload. Овој сервис, иако претставуваше само место каде што корисниците можат да разменуваат фајлови, се користеше во главно за размена на пиратска содржина, денеска разменувана преку торентите. Тоа го направи голем непријател на владите, нешто што денеска го гледаме со The Pirate Bay сајтот, по што сервисот беше исклучен.

Тој во изминатите години работи на развој на нови сервиси кои што треба да овозможат разговори, аудио и видео повици, размена на фајлови и слично, а сето тоа со акцент ставен на приватноста преку енкрипција. Во меѓувреме тој го пушти неговиот нов сервис за складирање и размена на фајлови Mega.

Оваа недела Kim најави дека наскоро ќе биде достапен долго најавуваниот сервис за видео повици и разговори. Најавата дојде преку неговиот Twitter профил, но сепак уште нема повеќе информации за тоа кога точно може да се очекува.

Според информациите достапни на интернет, затворена бета верзија може да се очекува во наредните недели, додека во првата половина од идната година треба да биде достапна и јавна бета верзија.

Она што е карактеристично за овој сервис, кој што треба да биде наречен MegaChat, е што тој ќе биде веб базиран, односно ќе работи преку интернет прелистувач и нема да бара инсталирање на било каков софтвер на компјутерот.

Главната работа која што Kim ја истакнува за MegaChat е енкрипцијата на комуникацијата која што, според неговите зборови, ќе биде крајот на следењето од страна на NSA. Како главен конкурент во неговите најави го истакнува Skype, за кого тврди дека не може да овозможи доволно ниво на заштита на податоците. Тоа е така поради фактот што било која компанија лоцирана во САД, мора да овозможи пристап до одредени податоци доколку тоа биде побарано од властите.

Извор: PCWorld, VB

Претходна статијаИдо Бакелет – Научникот кој најавува човечки опити на лечење рак со нанороботчиња во 2015 г.
Следна статијаLG ќе претстави нова серија на ултра широки и заоблени монитори на CES 2015
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.