izboren-kompas-1

Се ближат избори, а каков е изборот? Во пресрет на предвремените парламентарни избори во Република Македонија закажани за 11 декември, Институтот за истражување и општествни иновации – Импакт креираше онлајн алатка за советување на гласачите – Изборен компас. Алатката им овозможува на граѓаните да ја споредат сопствената позиционираност со позиционираноста на партиите/коалициите кои ќе учествуваат на овие избори. Врз основа на одговорите на корисниците на 30 искази по истакнати прашања, компасот ја пресметува позицијата на корисникот на политичката сцена и ги споредува политичките преференци на граѓаните со официјалните политики на партиите/коалициите.

Пред официјалното започнување на предизборната кампања, тимот на истражувач(к)и од Импакт креираше листа од прашања – искази кои ги доловувуаат актуелните прашања кои се дискутираат во јавноста. Изборот на искази се прави врз основа на научен метод познат како (hand coded) анализа на содржина. Врз основа на претпоставката дека прашањата на кои партиите најчесто се осврнуваат се оние поважните за гласачите, научниот тим одговорен за проектот ќе ги избере 30-те искази вклучени во Изборниот компас, со цел да ги прикаже клучните прашања во изборната кампања и јавниот дискурс околу изборите. Партиите немаат никакво влијание врз изборот на темите, ниту врз формулирањето на исказите. Финализирањето на текстот на исказите и нивното позиционирање по зададените теми и димензии (димензиите на економски лево-десно и морално прогресивно-конзервативно) беше направено со помош на анализа на релевантна литература, истражувања на јавното мислење и претходни употреби на Изборниот компас.

Листата со искази потоа се испраќа до политичките партии и/или коалиции кои можат да дадат свое мислење за исказите од “потполно се согласувам” до “потполно не се согласувам” и “немам мислење”. Од партиите/коалициите се бара да го поткрепат својот став со цитати од нивните изборни и идеолошки платформи, други програмски документи, медиумски изјави и релевантни извори. Во меѓувреме, тимот работи самостојно на т.н. кодирање на партиите. Ова подразбира позиционирање на партијата од страна на тимот, по истата логика на барање на извори кои го поткрепуваат зададениот став-позиција по дадено прашање. Ова двојно кодирање потоа се споредува, и истражувачите ги контактираат партиите уште еднаш доколку постојат нејаснотии или разидувања во кодирањето.

По завршување на кодирањето, ваквите ставови се внесуваат во онлајн алатката. Корисниците на алатката потоа го пополнуваат истиот прашалник преку кој ги изразуваат своите лични политички преференци. Корисниците добиваат четири резултати. Најнапред, корисниците се позиционирани во целокупната “политичка сцена”, врз основа на главните димензии на политичкиот натпревар економско лево-десно и морално прогресивно-конзервативна димензија. Потоа, корисниците можат да селектираат една или повеќе категории на прашања: економија, социјални политики, домашна политика, миграција, човекови права и меѓународни односи, и да го рекалкулираат резултатот со што Изборен компас ќе им покаже до која политичка опција се најблиску според избраната категорија. Трето, корисниците можат да видат како секоја партија има одговорено на секој поединечен исказ, како на пример “Луѓето со висок приход  треба да плаќаат повисоки даноци отколку сега”. Конечно, корисникот може да ја спореди својата позиција по секој поединечен исказ, со позициите на секоја од политичките опции.

Основна цел на Изборен компас е да се генерира интерес на јавноста за претстојните избори и да се обезбедат објективни информации за тоа каде партиите стојат во однос на важни прашања. На едноставен и забавен начин, корисниците се стекнуваат со сумирано политичко знаење. Сите информации собрани од страна на научниот тим се достапни за јавноста. Со едноставен клик на било која од страните, секој корисник може да види делови на текстови од манифести и веб страници на партиите кои ја поткрепуваат одлуката за позиционирање на партијата за одредени прашања.

Ваквите онлајн алатки им се достапни на граѓаните пред изборите во голем број држави а достигнуваат и до 40 проценти искористеност од населението. Се смета дека ваквите алатки имаат потенцијал да влијаат и на излезноста на изборите и ја зголемуваат од 2 до 13 проценти. Изборен компас е за прв пат достапен на македонската јавност како независен научен проект. Овој проект е развиен од страна на тим составен од научници од Институтот за истражување и општествени иновации – Импакт, Централноевропскиот универзитет во Будимпешта и од Универзитетот Врије во Амстердам а изработен од Киескомпас – мала општествено одговорна компанија од Амстердам, посветена на демократијата, која има развиено вакви алатки во повеќе од 50 држави во светот. Проектот е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија и е поддржан од Амбасадата на Сојузна Република Германија во Македонија.

Ве покануваме да ја искористите оваа онлајн алатка достапна на македонски и албански јазик на www.izborenkompas.mk

Претходна статијаFacebook Instant Games ќе ви овозможи да играте игри преку Messenger
Следна статијаТимот е најважен