lastpass-all

Доколку сте активен корисник на сервисот за чување на лозинки LastPass препорачливо е да ја промените вашата главна лозинка за најавување на сервисот. Тоа посебно важи доколку лозинката која што ја користите не е направена во согласност со препораките за сигурна лозинка.

Од компанијата преку нивниот блог известуваат дека имаат забележано сомнителна активност во нивната мрежа, активност која што била прекината. Поради ова се препорачува промена на лозинките, иако податоците во корисничките сметки се верува дека не се загрозени. За заштита на корисничките податоци се користат посебни мерки кои што треба значително да го отежнат нивното загрозување.

Она што се верува дека сепак е земено од серверите на LastPass се email сметки од корисниците, потсетници за лозинките, како и додатни информации поврзани со лозинките. Поради ова од компанијата исто така препорачуваат да ја промените лозинката која што ја користите и на други сервиси, доколку се работи за истата.

Корисниците кои што не користат дво факторска автентикација ќе треба да ја верификуваат својата сметка нареден пат кога ќе се најават од уред кој што не е препознаен. Препораката за користење на дво факторска автентикација останува, која што иако не овозможува 100% заштита, значително ја зголемува безбедноста на сметките.

За потсетување, дво факторската автентикација вклучува внесување на дополнителен код покрај вашата лозинка при најавување, код кој што можете да го добиете преку SMS порака или најчесто користениот начин преку посебна апликација како Google Authenticator.

Извор: LastPass

Претходна статијаGoogle го најави YouTube Gaming, директна конкуренција на познатиот Twitch
Следна статијаXbox One полека но сигурно станува гејмерски компјутер
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.