Новиот веб-сајт на Google, Hire, наменет за бизнис соработки, вработувања или наоѓање работници, всушност има за цел да го превземе бизнисот на актуелниот лидер во таа сфера, LinkedIn. Иако се уште вон функција, корисниците можат да го посетат, но добар дел од алатките се’ уште не се на располагање. Hire, ќе им овозможи на компаниите и индивидуите да се поврзаат со цел пронаоѓање работа, односно квалификувана работна сила.

Идејата наиде на реакции поврзани со приватноста на корисниците, со оглед на тоа што за да се „зачлените“ потребно е истото да го направите со вашиот личен Google налог. Од таму произлегоа шпекулации дека потенцијалниот работодавач би имал можност за увид на комплетната историја на пребарувања на човекот со кој комуницира. Во секој случај, ваквите научно-фантастични тврдења беа отфрлени од компанијата која стои зад Hire.

Во официјален мејл од компанијата се вели дека платформата е создадена да овозможи полесно поврзување на луѓето и компаниите и дека за таа цел основната идеја е овозможување на прибирање информации он-лајн. Меѓутоа, што се однесува до количеството и видот на информации, апликантите ќе имаат потполно право да одберат што точно ќе биде достапно.

Google се соочува со сериозна конкуренција бидејќи не е првата голема компанија која решила да се занимава со овој бизнис. Ќе им биде потребна исклучителна креативност и функционалност во понудата за да успеат да привлечат корисници на своја страна, на сметак на добро втемелените LinkedIn, Glassdoor и Monster.

Извор: Engadget

Претходна статијаВалосо Хуб Ве поканува да бидете дел од третиот Tech.O настан
Следна статијаAudi со концепт за електричен автомобил на иднината