Најпопуларната социјална мрежа, освен тоа што поврзува милиони луѓе на планетата, успеа да прерасне (и допрва ќе ја превземе улогата) во неверојатна датабаза на лични информации од различен карактер поврзани со корисниците. Меѓу другото, интригантни податоци крие демографската датабаза, која иако далеку од прецизна, сепак нуди каква-таква слика на профилот на просечниот Facebook корисник.

Она што најпрво паѓа во очи е податокот за непропорционално големиот број на 18-годишни корисници. Попрецизно, постојат повеќе 18-годишни корисници на Facebook, отколку што на планетата живеат тинејџери на истата возраст.

Но, да почнеме од почеток. Дури две третини од глобалната „публика“ на Facebook ја сочинуваат редовни, дневни корисници. Од нив, речиси сите (94%), ја користат платформата преку своите мобилни уреди. Понатаму, што се однесува до споредбата машки-женски корисници, машките се позастапени за дури 12%. Младите се и понатаму најзастапени корисници на социјалната мрежа иако трендот се повеќе ги зафаќа и оние постарите.

Ваквите статистики се особено важни за компаниите кои целат на сопствена промоција токму преку социјалните мрежи. Феноменот на социјалните мрежи не можеше да биде заобиколен од влијанието на бизнисот, па така, водењето на ваков вид статистики е неизоставен дел.

Меѓутоа, податоците кои ги нуди Facebook во ниту еден случај не можат да се земат буквално. Мора да се има во предвид големиот степен на лажни податоци кои ги разнишуваат реалните бројки. Во таа насока, особено внимание привлекуваат бројките поврзани со 18, односно 21-годишни корисници, како и некој други специфични возрасти.

Бројките велат дека забележително непропорционален број на корисници ја имаат наведено токму возраста на која се стекнува полнолетство во различни делови од светот. Заклучокот во врска со оваа појава сосема е безбедно да се каже дека е големиот број на помлади корисници кои целат да се претстават како полнолетни, или пак постари корисници кои целат да се претстават како помлади. Логиката во овој случај е едноставна, но зачудува фактот дека истото отскокнување на бројот на корисници се јавува и со родените во години кои завршуваат на 5 или 0. Според извесно мислење, причината за тоа е недовербата на корисниците кон објавување на лични податоци на социјална мрежа каде се релативно достапни секому. Па така, добар дел од корисниците целат кон внесување не сосема точни лични информации со цел да ја заштитат сопствената приватност.

Официјалната бројка со која Facebook располага во однос на проценката на лажни информации вели дека 1 во секои 11 кориснички профили содржи барем некоја неточна информација. Доколку се направи мало истражување лесно ќе се заклучи дека бројката е далеку поголема. Меѓутоа, обичниот корисник не би требал да биде загрижен од ваквата појава, од причина што таквиот факт нему лично не му менува премногу од искуството кое го има со Facebook. Вистинскиот проблем го имаат компаниите и нивните маркетинг стратези. Покрај високата стапка на неточност во демографските податоци, Facebook е и понатаму една од најефикасните платформи за промовирање на брендови или производи. Свесни за тоа, челниците на Facebook во последно време се повеќе одат кон алгоритамско анализирање на суштинските интереси на корисниците. Значи, што се однесува до компаниите во насока на промовирање, истото би требало да се темели на интересите на корисниците, повеќе отколку на сувите бројки.

Претходна статијаИграњето друштвени игри е добро за вашето здравје
Следна статијаПрва фотографија од „десктоп станицата“ за Galaxy S8