Пред, а особено по, претседателските избори во САД во 2016 година, американската јавност и медиуми беа опседнати со потенцијалното влијание на Русија врз исходот од тие избори. Откако Доналд Трамп победи, таквите опсесии само се зголемија.

Терминот „лажни вести“ стана еден од најпопуларните користени фрази од медиуми (а и поради тоа што и самиот Трамп ја употребуваше фразата за да ги опише мејнстрим медиумите кои го критикуваа).

Нашите момци во Велес играа голема улога во популаризирањето на оваа фраза. И во овој случај не изостанаа шпекулациите дека русите вмешале прсти во велешката „машинерија за лажни вести“.

Откако медиумите и политичките противници на Трамп не обелоденија конкретни докази за „местење“ на претседателските избори, следниот чекор беше мобилизација на технолошките гиганти за да го срозат наводното руското влијание врз САД. Така, Ерик Шмидт (Alphabet) неодамна изјави дека Гугл се подготвува да престане со рангирањето на веб страниците на одредени (легитимни) руски новински агенции, како Russia Today (RT) и Sputnik.

Фејсбук пак, објави алатка со која нивните корисници ќе можат да видат која од страниците (на Фејсбук и Инстаграм) на кои стиснале „лајк“ е на некој начин поврзана со Русија или руска пропаганда. Според Фесјбук, на овој начин корисниците можат да се уверат во тоа како „странски агенти се обидуваат да сеат поделба и недоверба преку Фејсбук, пред и по претседателските избори во 2016 година“.

Сепак, и покрај оправдувањето дека потезите како тие на Фејсбук и Гугл се борат против ширење на недоверба во нивната јавност, истите само повеќе го предизвикуваат продлабочувањето на таквите тензии. Кога започнува провизорно блокирање или друг вид на намерно штетење на нечии бизниси, опасноста од цензура се зголемува.

Маргарита Симонјан (главен и одговорен уредник на RT) изјави дека внатрешната ревизија на Гугл не пронашла прекршување на некакви професионални стандарди или правила од страна на RT.

Оттаму, се наметнува прашањето дали борбата против „лажните вести“ или странското влијание врз домашниот социо-политички поредок се заснова на реални докази. Или пак, се заснова на напорите за задржување на статус-квото во САД, кое беше нарушено со победата на Трамп.

Моментално, алатката е достапна само во САД, од очигледни причини. Нема да биде чудно ако се појават барања за проширување на услугата во други држави кои сметаат дека странски агенти се мешаат во политичките драми на нивната територија.

Претходна статијаSmartportal претставува: Ninja vs. Monsters
Следна статијаЖежок јануари на Pickbox со пет ексклузивни премиери веднаш по Америка