Истражувања на разни теми во денешно време има многу, па не можеме за секое да тврдиме колку е меродавно. Сепак, кога некое од нив има интересни резултати, сакаме да ви го пренесеме, па заедно може да заклучиме колку тие звучат логично.

Ова истражување е направено од страна на Brigham Young University од сојузната држава Јута во САД. Во него се вклучени не толку голем број на луѓе, односно 47 на возраст од 18 до 32 години.

Целта на истражувањето е да се добие впечаток на тоа како корисниците го „доживуваат“ Facebook преку одговарање на повеќе прашања во стилот на нивото на сложување на изјавата во прашањето.

Врз основа на одговорите кои ги имаат добиено, истражувачите од универзитетот направиле групирање на корисниците во 4 групи, за кои тие сметаат дека повеќето корисници треба да се пронајдат.

Јас успеав да се пронајдам во едната, па еве и вие видете дали се пронаоѓате во некоја од групите, а и дали тие ве потсетуваат на некого што го познавате.

Четирите групи кои ги имаат откриено истражувачите се: „Развивачи на односи“ (Relationship builders), „Разгледувачи“ (Window shoppers), „Градски информатори“ (Town criers) и „Selfies“.

Развиввачите на односи се корисници кои преку Facebook ги развиваат и одржуваат односите со нивните пријатели и фамилијата. Тие во главно не ја гледаат друштвената мрежа како виртуелна мрежа, туку како место каде што ќе можат искрено да се изразат. Тие најчесто објавуваат емотивни видеа, слики и слично повеќе пати во денот, а исто така нема објава на нивниот профил на која што не коментираат.

Разгледувачите се корисници кои го користат Facebook затоа што им е јасно дека повеќето луѓе имаат профил. Тие не објавуваат скоро ништо на мрежата и не се активни. Затоа мрежата ја користат за да гледаат што прават другите корисници.

Како што кажува и самото име, Градските информатори се сметаат себе за одговорни да ги информираат луѓето за случувањата. Тие немаат потреба да објавуваат работи од нивниот приватен живот, па затоа константно објавуваат линкови до одредени случувања, работи што ги сметаат за важни и интересни.

Selfies групата ми се чини дека во Македонија е најзастапена, барем кај моите пријатели. Оваа група сака внимание и целата интеракција на Facebook им се сведува на добивање на лајкови, коментари и слично. Тие може да се споредат со развивачите на односи, меѓутоа во нивниот случај тоа го прават поради себе промовирање, а не поради искрени односи.

Дали ова истражување е направено со сите потребни научни методи, не знаеме, меѓутоа од наша гледна точка, групите кои се донесени како заклучок дефинитивно соодветствуваат со реалноста.

Извор: TNW, IGI Global

Претходна статијаYouTube воведува споделување на видеата директно во апликацијата – со тоа станува и апликација за разговори
Следна статијаConsumer Reports: Microsoft Surface уредите не се доволно солидни за да се препорачаат
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.