Џејк Гиленхајл е еден од најдобрите актери во Холивуд денес. Тоа го има докажано повеќе пати, но најмногу беше „on a roll” во периодот од 2013-2016 кога нанижа неколку перформанси што може да се наречат актерско „ремек дело“ (Prisoners, Enemy, Southpaw).

Во тој период ја одглуми и можеби најдобрата улога во неговата кариера, во филмот Nightcrawler. Таму тој глуми еден прилично измачуван човек, кој врши ситни криминали за да заработи некоја пара. Кога сведочи како неколку камермани снимаат сообраќајна несреќа (односно жртвите во таа несреќа – што повеќе крв толку подобро), и кога дознава дека тие снимки потоа ги продаваат на телевизиски куќи, тој добива нова мисија во животот. Набавува евтина камера и се обидува да го прави тоа што тие го прават: да заработи преку снимање на туѓи несреќи.

Ликот на Гиленхајл (Лу Блум) е ладен, пресметлив, со неверојатна посветеност да успее во неговата мисија да стане еден од најдобрите во овој занает. После некое време снимајќи несреќи и продавајќи ги видеата на една телевизиска куќа, самиот почнува да се вмешува во сцените на несреќи или злосторства. Блум не познава граници за да го постигне она што сака да го постигне. Мислејќи дека е претприемач и амбициозен човек, најмува помошник со кој може да отиде на наредното ниво. Гиленхајл ги покажува своите актерски способности изгледајќи како човек што пати од несоница и екстремна анксиозност, помешана со желба за успех. Дури, можам да го замислам како успешен бизнисмен доколку би ја немал таа манијакалност во филмот.

Nightcrawler е бисер од филм кој многу лесно може да го пропуштите поради тоа што не е некој голем блокбастер. Но, тоа е филм што мора да го погледнете ако сакате интересна приказна, неверојатна глума (ме чуди што Гиленхајл не зема некоја награда за најдобра глума, не беше ни номиниран) и мрачен амбиент.

Ме потсеќа на спој од Колатерално и Жега, без акцијата. Мора да го гледате.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.