Таканаречениот закон „против мемиња“ кој неодамна беше предложен од Европската Унија, не помина на гласањето во Европскиот Парламент. Односно, 318 членови на парламентот гласале „ПРОТИВ“ додека 278 гласале „ЗА“.

Изненадувачки е што исходот од гласањето е ваков. Но, очигледно притисокот од интернет заедницата и од големиот број на експерти и академици кои се изјаснија против усвојувањето на овој закон вроди со плод.

Меѓутоа, далеку од тоа дека Директивата за заштита на авторски права (официјалниот наслов) е мртва. Истата ќе биде вратена на гласање пред ЕП во септември годинава. Меѓутоа, најверојатно дотогаш ќе претрпи повеќе измени, особено во текстот на членовите 11 и 13, кои се сметаат за најконтроверзни.

Главниот мотив на оние кои се обидуваат да го „протуркаат“ овој закон е конечно да се признаат правата на креаторите и уметниците. Тоа е одлична и благодарна цел. Тие треба да ги добијат заслугите и соодветен надоместок за трудот кој го вложиле да создадат нешто.

Но, постојат и други начини за да се постигне таа цел, а да не задира во правата на обичните граѓани кои ја конзумираат нивната содржина. Првичната верзија на овој закон ќе доведеше до хаос во интернет просторот. Интернет провајдерите ќе беа ставени во улога на интернет полицајци, а креативноста на корисниците ќе беше зауздана преку забраната за ширење и креирање на т.н. мемиња, споделување на песни, видеа, итн.

Еден пример на екстремно успешна иницијатива за краудфандинг на финансирање на креатори е платформата Патреон, каде што илјадници уметници се надоместени за да продолжат да го практикуваат својот занает.

Опции постојат. Засега мемињата се безбедни. Барем до септември.

Претходна статијаГраѓаните на општина Чаир добија ново место за дружење, спорт и рекреација
Следна статијаMicrosoft го претстави најмалиот член на Surface линијата, Surface Go