Електричните тротинети и електро мобилноста се нешто ново, нешто што е во тренд, нешто популарно и актуелно. Нивното присуство во сообраќајот носи многу придобивки, отвора многу алтернативи за надминување на проблемот со сообраќајниот метеж, гужвата и бучавата во сообраќајот, континуираниот недостаток на паркинг места,  загаденоста, итн. но носи и закани за безбедноста на учесниците во сообраќајот.

Со цел успешно и ефикасно справување со сите предизвици кои ги носи учеството на електричните тротинети во сообраќајот, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата организира тркалезна маса  на тема: „Учество во сообраќајот со електричен тротинет – кој, како, кога, дали….?“

На тркалезната маса присуствуваа претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за економија, Министерството за образование и наука, Град Скопје, претставници на академската заедница, невладините организации и здруженија, и др.

Електричните тротинети секојдневно стануваат составен и нераскинлив дел од патниот сообраќај во Скопје и во другите градови. Анализирајќи ја состојбата во сообраќајот и  правната регулатива од областа на сообраќајот, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја идентификува потребата за организација на тркалезна маса на која ќе бидат анализирани сите отворени прашања кои се поврзани со учеството во сообраќајот со електричен тротинет.

Присуството на електричните тротинети во сообраќајот наметнува многу прашања за тоа: кој може да управува електричен тротинет, на која возраст, што треба да поседува електричниот тротинет, каква опрема треба да користи лицето кое управува електричен тротинет, каде треба да се движат електричните тротинети, со која брзина, кој и каква одговорност ќе сноси доколку се случи сообраќајна незгода од посериозен карактер, а во која учествувало лице кое управува електричен тротинет, кои и какви се придобивките, ризиците и можностите од зголеменото присуство на електричните тротинети во сообраќајот, и др.?

Целта на денешниот настан е да се даде одговор на сите отворени прашања поврзани со учеството на електричните тротинети во сообраќајот. Сите надлежни институции, експерти од областа на сообраќајот и сите заинтересирани странки, заеднички да ги анализираме состојбите, светските искуства, најдобрите практики во ЕУ и сите заеднички да понудиме решенија и одговори на сите предизвици и прашања кои се наметнуваат. Заклучоците од денешната тркалезна маса понатаму ќе бидат преточени во законски решенија со кои прецизно ќе се регулуира учеството во сообраќајот со електричен тротинет – изјави Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Гордана Кожуваровска.

Претходна статијаHuawei ги претстави Mate 30 и Mate 30 Pro без пристап до апликациите од Google
Следна статијаПредлог книга: Inventing Bitcoin, од Јан Прицкер