Како што беше најавено, патарините во Македонија ќе почнат да се префрлаат на нов систем за наплата којшто ќе овозможи многу побрз и поголем проток на возила. Се работи за електронска наплата на патарините преку електронска смарт картичка и уред за електронска наплата, односно познато наречен таг.

Предноста на овој начин на наплата на патарините е што возилата нема да треба да застанат, да ја платат патарината кај човек на шалтерот, па да го земат кусурот доколку има, по што ќе им биде подигната рампата и ќе поминат.

Со новиот систем, картичката и тагот веќе ќе имаат одреден износ на пари на нив, па наплатата ќе се прави само со нивно читање од страна на читач и сензор, по што возилото веднаш ќе може да помине.

Подобра варијанта од двете е секако тагот. Тој овозможува да возилото воопшто и не застане, а тоа ќе треба само да ја намали брзината. Сензорите кои се поставени кај патарината го читаат тагот, по што рампата се отвора додека да возилото стигне до неа.

Наплата со смарт картичка сепак ќе вклучува и застанување на возилото, со што возачот се што ќе треба да направи е да ја помине картичката на означеното место, по што рампата ќе биде отворена.

Интересно, новиот систем ја одредува цената која ќе ја наплати автоматски преку скенирање на возилото. Тоа се прави преку проценка на висината на предниот дел на возилото, како и растојанието помеѓу оските. Доколку дојде до грешка при оваа проценка од страна на системот, корисниците можат да побараат исправка на наплатената сума.

Новиот систем има и трет начин на наплата, а тој е замислен доколку некој се постави во лентата за електронска наплата, а нема картичка или таг. Тогаш возачот може да притисне на копчето кое е достапно кај преминот, по што ќе му биде издадена сметка која ќе треба да ја плати во наредните 24 часа.

Картичките и таговите ќе може да се купат директно од патарините, како и од Контролниот Центар на Јавното претпријатие за државни патишта во Петровец. Цената на картичките ќе изнесува 100 денари, а ќе треба да се стават најмалку 300 денари вредност, додека тагот ќе чини 1200 денари за кој исто така ќе треба да се стави вредност од 300 денари.

Попуст ќе може да се добие за дополнување на поголема сума, а ова е наменето за тие кои многу почесто патуваат, како и за транспортните компании. Попустите кои ќе може да се добие се следните:

  • 2% за надополнета сума од 301 денари до 10.000 денари,
  • 3% за надополнета сума од 10.001 денари до 50.000 денари,
  • 5% за надополнета сума од 50.001 денари до 300.000 денари,
  • 7% за надополнета сума над 300.001 денари.

Надополнувањето на картичките и таговите ќе може да се прави и следи онлајн преку страната на Јавното претпријатие за државни патишта на овој линк.

Сите детали и прашања околу новиот начин на работа се објаснети на страната на претпријатието на овој линк.

На Коридорот 10 има 7 наплатни места од коишто за почеток ќе функционираат 5, а се планира пуштање на сите до крајот на годината. Системот за електронска наплата, иако прво се пушта за Коридор 10, се планира да биде воведен на сите наплатни места во земјата.

Следното видео одлично и детално го опишува и објаснува новиот систем, на лице место од една од патарините и можете да го погледнете во продолжение. Видеото е направено од страна на Авто Магазин, а голема благодарност до нив што ни овозможија да го споделиме нивното видео и на нашата страна.  

Оставете коментар