Јавните личности праќаат порака: Го сакам градот безбеден

Глумци, пејачи, новинири, спортисти, водители и останати јавни личности... сите во еден глас праќаат порака „Го сакам градот безбеден“, и со тоа даваат поддршка на новата едукативна активност на РСБСП која го носи токму овој наслов, а има за цел подигнување на сообраќајната култура и свест во секој град и во секое населено место во Македонија

На  овој начин,  РСБСП со поддршка на јавните личности ги најавува двете  значајни активности кои ќе се случуваат престојниот период.  Станува збор за  кампањата  „Недела за безбедност на сообраќајот“  во Охрид и  во Битола.  И двете,  со ист наслов, со иста порака со исто мото  –„ Го сакам градот безбеден! “

Секојдневно сме сведоци на голем број сообраќајни незгоди и се почесто доаѓаме до заклучок дека е речиси  невозможно да помине едно деноноќие или еден викенд  а да не се  случи тешка сообраќајна незгода со повредени или загинати лица.  Во Република Македонија,  во просек годишно околу 160 лица го губат животот во сообраќајни незгоди,  а  околу 6000 лица  се  тешко повредени.  Тоа значи  дека на секои два – три  дена по еден човек го губи животот во сообраќајна незгода  а по неколку лица на  ден се тешко повредени и остануваат со траен инвалидитет како последица на сообраќајна незгода.  Сообраќајните незгоди се причина број еден за смртност кај  младите лица.

Според РСБСП,  брзото возење, возење под дејство на алкохол, непочитување на сообраќајните правила и прописи, неетичко,  некултурно, неодговорно, нетолерантно однесување во сообраќајот,   се главните причини за предизвикување на сообраќајни незгоди со  тешки и фатални последици.

За жал, многу  често, на патиштата и улиците во Република Македонија,  можеме да видиме  возачи кои достигнуваат големи и неразумни брзини, во или надвор од населено место,  возачи кои управуваат возило под дејство на алкохол,  возачи и патници кои не  користат  безбедносен  појас, возачи кои користат мобилен  телефон за време на возењето, итн.  Непрописно  паркирани возила и  пешаци кои се движат надвор од тротоарот и кои ја поминуваат улицата таму кај што им е „најзгодно“  има,  речиси на секој чекор.

Согласно тоа,  РСБСП и  сите јавни личности кои ја поддржа кампањата „Го сакам градот безбеден“  апелираат   на поголема одговорност во сообраќајот,  целосно почитување на сообраќајните правила и прописи и  почитување на поставената сообраќајна сигнализација. 

Истовремено прашуваат: Кој е твојот придонес за побезбеден град, за побезбеден сообраќај?

Да започнеме да ја градиме и да ја менуваме сообраќајната култура, почнувајки  секој од себе, преку личен пример и позитивен придонес,  за помалу  жртви и поголема безбедност на улиците и патиштата – порачуваат   од РСБСП и  подржувачите на кампањата.

Пред нас е лето, време на одмори и забави, време за нови искуства и нови доживувања, а статистичките податоци и искуствата од минатите години  покажуваат дека бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди во летниот период  двојно се зголемува.

За безбедно лето, за безбеден сообраќај, бидете дел од кампањата„ Го сакам градот безбеден“ и дадете го вашиот придонес за побезбеден сообраќај преку целосно и без исклучок,  почитување на сообраќајните правила и прописи.

Претходна статијаИднината на Tesla зависи од наредните неколку недели
Следна статијаНеофицијална слика од Galaxy S10 прикажува уред без никаква рамка околу екранот