Документот кој стапи во сила во мај годинава (General Data Protection Regulation) предвидува драконски казни за компаниите што нема да ги почитуваат одредбите од овој закон.

Во некои случаи, казните ќе бидат во износ од илјадници евра. Во други, милиони, па и милијарди. Законот има цел да ги заштити европските граѓани од канџите на технолошките гиганти кои се основани во САД, поучени од низата скандали како тој со Кембриџ Аналитика.

ЕУ подолго време има проблеми со начинот на кој Гугл, Фејсбук и др. гиганти ракуваат со податоците на европските корисници, без притоа да преземат каква било одговорност.

Сепак, многу компании не се спремни да ги следат новите правила. Дел од новиот закон содржи одредби кои се нејасни и кои тешко се следат. Оттаму, за некои компании кои ќе се најдат во небрано од објективни причини, казната би значела „смрт“.

Некаде околу стапувањето на сила на законот за приватност, Лос Анџелес Тајмс, Чикаго Трибјун и др. организации (дури и играта Рагнарок онлајн) го укинаа пристапот до нивните онлајн изданија за европските корисници. Дури и Инстапејпер некое време не дозволуваше пристап за европјани.

Што кажува сето ова? Најпрво, европските закондавци (најверојатно) не предвиделе дека нивните одредби ќе ги примораат компаниите да преземат вакви потези. Или пак предвиделе, но не се грижеле премногу за последиците. На крајот, европјаните можат да бидат лишени од некои услуги кои редовно ги користат, само заради законодавната битка која ЕУ ја води со САД.

Повеќето од горенаведените компании во меѓувреме го вратија пристапот за европските интернет корисници.

Но, засега сигурно може да се каже дека последиците од новиот закон се непредвидливи. И дека компаниите ќе треба да поминат трнлив пат за да бидат сигурни дека се „на чисто“.

Ние ќе го следиме циркусот и ќе се надеваме дека интернетот нема да отиде „по ѓаволите“ за нас.