Xbox One X направи вистинска мешаница на претставувањето на E3 – Microsoft го најави како најмоќната конзола досега, способна за 4K гејминг при супер мазни 60 fps, што веќе подолго време беше сон на гејмерите кои преферираат да играат на големиот телевизор во својата дневна соба. Сепак и од Sony велат дека имаат конзола способна за 4K гејминг, што значи само една работа – дека е време за споредба!

Уште првиот поглед на спецификациите кажува дека Xbox One X е една вистински моќна конзола, која може лесно да конкурира и на гејмерски десктоп машини, нешто што не беше случај во минатото. AMD процесорот на пример има осум јадра кои работат на 2,3 GHz, додека графиката има 40 компјутерски единици помогнати од 12 GB GDDR5 рам, кои овозможуваат преработка на податоци од 6 teraflops, што е исклучително импресивна бројка и која ја овозможува онаа 4K резолуција и HDR бои.

PlayStation 4 Pro исто така има моќни спецификации, но не може да се приближи на конзолата на Microsoft. Конзолата на Sony има графика со 8 GB графичка рам меморија, која овозможува преработка на 4,2 teraflops информации, што според Sony е исто така доволно за 4K HDR гејминг, но и за виртуелно играње со PlayStation VR, нешто што уште не е спремно за Xbox One X. Сепак, не е лесно да се претпостави дека со скоро 50% помоќни компоненти, Xbox One X ќе биде конзолата која ќе понуди подобра графика, за разлика од претходно.

Од друга страна, Sony PlayStation 4 Pro има предност со цената, која изнесува 399 долари наспроти 499 долари за Xbox One X. 100 долари не се многу за хард кор гејмерите кои ќе можат да искористат максимум од перформансите на One X, но за обичниот купувач доплатата може да биде и непотребна, бидејќи да бидеме реални, голем дел од корисниците се’ уште имаат Full HD телевизори. Очекувајте и двете конзоли да се продаваат скоро подеднакво.

Интересно, и покрај тоа што Microsoft најави нови наслови на игри за Xbox One X, меѓу кои Forza Motorsport 7, Crackdown 3 и PlayerUnknown’s Battlegrounds, Sony ја има предноста со уште позвучни наслови, кои вклучуваат God of War 4, Uncharted: The Lost Legacy, Days Gone, Detroit: Become Human, The Last of Us II итн. Ова исто така може да биде одлучувачко за голем број на гејмери.

Како и да е, се пожестоката борба меѓу двете најпопуларни играчки конзоли може да биде само добра за нас корисниците – за разлика од лани, кога Xbox One и Playstation 4 овозможуваа едвај Full HD гејминг, сега имаме две конзоли кои може да ги приклучиме на 4K телевизор и да уживаме во графика која ќе биде „скоро“ на нивото на PC гејмерските машини, за цена која не е премногу висока.

Извор: The Verge, CNET, PC Advisor

Претходна статијаНајдобрите практики во обновливи извори на енергија презентирани на бизнис форум во Стокхолм
Следна статијаMinecraft ќе биде иста на сите платформи