Изминативе месеци колегите на факултет постојано зборуваат за игрици, а како најзастапена се појави Fortnite. Видов, не видов, се најдов во тесно, оти не можам да се вклучам во разговор, па одлучив и јас да пробам да ја играм играта и да видам за што точно станува збор.

Fortnite е бесплатна за преземање и прилично лесно се инсталира. За тие што не се запознаени со тоа како функционира, еве објаснување во прилог. Останатите, прескокнете ги наредните два параграфи, бидејќи тие се воведни.

Да се вратиме на темата, имате три варијанти за игра. Првите две се да можете да играте сами или да играте во пар и овие опции важат во ситуација кога играта ја играте со околу 100 други луѓе. Последната варијанта е да играте четворица и се борите против зомбиња, со цел да го спасите светот. Мене лично ми наликува на кантер, со тоа што тука има круг што се стеснува (инаку, тој се појавува вообичаено таму каде што се најголем дел од играчите). Доколку не влезете во кругот после одредено време, губите енергија и може да умрете.

Во играта има најразлични оружја кои можете да ги земете и јачината на оружјето зависи од неговата боја (пример, зелена е појака од сива итн.). Мене лично најтешко ми беше да научам да го земам оружјето, а потоа и релативно брзо да се движам, што е клучно за да преживеете во играта, оти големи се шансите некој да ве демне и пикира отстрана. Она што ме воодушеви, но во исто време и ме изнервира како почетник е тоа што постојат играчи со неверојатни вештини за пукање и градење. Градењето е всушност правење на заштита од дрва или метал кои треба да го соберете претходно. Јас сеуште не научив како да се градам доволно брзо и вообичаено ме убиваат во првите 5 минути ?

Како и да е, добра вест (бар би требало) е тоа дека Fortnite доаѓа и на Android во теков на летово. Тие веќе се појавија на iOS, а сега на ред е и Android. Компанијата позади играта дефинитивно има за цел да овозможи звучно четување на мобилен, како и да овозможи разговарање со пријателите на други платформи. Покрај ова, тие се надеваат дека ќе го подобрат визуелниот квалитет и зачувување на батеријата.

И како не би се труделе, кога првичните естимации покажуваат дека Fortnite веќе има прилив од милиони долари на ден и тоа земено самостојно само од iOS. Со вклучувањето на Android во стратегијата целта е овие цифри уште повеќе да се зголемат. Покрај ова секако целта е да се освојат и нови корисници.

Јас искрено немам идеја како ќе изгледа толку комплицирана игра на телефон. Имате земање оружја, движење, градење, пукање, еден куп работи, па некако ми изгледа неизводливо играта да се реализира како што треба. Како и да е, останува да видиме каква ќе биде имплементацијава летово и ќе почекаме на првите импресии на корисниците.

Дали вие играте Fornite? Ако да, кои начини на игра ви се најинтересни? Или, доколку не, кои игри ги следите и играте?

Споделете со нас во коментар ✌

Претходна статијаОткриени нови пропусти во процесорите слични на Spectre и Meltdown
Следна статијаГолем спортски хепенинг – „3х3“ баскет турнир и многу забава на едно место