Наскоро, тронот кај играчките конзоли кога се во прашање чистите перформанси, повторно ќе биде на страната на Microsoft. Project Scorpio, долго најавуваната надградба за Xbox One ќе донесе 4K гејминг, кој ќе може да се мери со поновите десктоп графички картички и кој може да го врати Xbox на врвот по продажбата.

Microsoft ги објави првите детали за тоа каква моќ ќе има новата, подобрена конзола. Во неа и натаму се вградува графички процесор од Jaguar архитектурата на AMD, но тој ќе биде значително подобрен. Сега, тој ќе има 40 процесорски единици (Xbox One S и PS4 Pro имаат по 12), кои ќе работат на дури 1.172 MHz (Xbox One S и PS4 Pro работат на 853, односно 911 MHz). Четири пати е зголемен капацитетот и на L2 ќеш меморијата, што според Microsoft е доволно за 4K гејминг.

Подобрениот графички процесор на AMD ќе има и енормни 12 GB DDR5 рам, што секогаш помага при играњето на игри на многу високи резолуции (дивелоперите ќе имаат пристап до 8 GB, останатите се користат за оперативниот систем Windows 10). Дури и самиот проток на податоци низ меморијата е импресивен – од Microsoft велат дека е 326 GB/s, што е подобро дури и од Nvidia GTX 1080 графичка, која е една од најдобрите кај PC гејмингот во моментов.

Подобрувања има и кај процесорот, кој и натаму е на AMD и има осум јадра, но тие сега работат на многу повисока работна фреквенција од 2,3 GHz, споредено со 1,75 GHz на Xbox One S и 2,1 GHz на PS4 Pro. Вкупно, новиот хардвер во Project Scorpio ќе има извонредни 6 Tflops перформанси, што е бројка достојна за почит.

Но, многумина ќе го постават прашањето – зошто новата конзола се базира на стар дизајн на процесорот и графичката? Одговорот е многу едноставен – за Project Scorpio да може да функционира со сите игри за Xbox One. И не само тоа – игрите кои имаат отклучени “fps”, односно можат да достигнат повисоки “fps” од стандардните 30 доколку хардверот го овозможува тоа, ќе добијат подобрување во перформансите и графиката.

Исто така, многу игри, како на пример супер популарните Doom, Halo 5, Gears of War 4, Battlefield 1, Call of Duty: Infinite Warfare и The Division, можат да работат и на 4K резолуција, бидејќи имаат скалабилна резолуција. Оние игри кои имаат само HD или Full HD резолуција, ќе добијат само подобрување во перформансите, односно ќе може да се играат со повисоки “fps”.

Најголем напредок сепак ќе може да се почувствува кај новите игри. Дивелоперите веќе развиваат нови наслови кои ќе ги искористат сите можности на Xbox Project Scorpio и нив може да ги очекуваме во наредниве неколку месеци, односно веднаш откако ќе биде претставена новата конзола.

Одлична вест е што новата конзола најверојатно ќе ги задржи истите димензии и покрај тоа што има значително подобри перформанси од Xbox One S, но сѐ уште немаме информации за цената. Сепак, доколку Microsoft сака таа да биде успешна, не би смеел да ја позиционира премногу високо, независно од перформансите што ќе ги нуди. Моја претпоставка? 599 долари (евра) за основниот модел.

Извор: ARSTechnica, Forbes, Xbox

Претходна статијаBeats EP имаат изненадувачки балансиран звук
Следна статијаLightform е геџет кој може да трансформира цели соби во екрани