Иако паметните часовници како уреди не ја добија популарноста која се очекуваше да ја добијат, Samsung е супер агресивен со нив. Тие сега лансираат нови два модели – Gear Sport и новиот Gear Fit2 Pro. И двата модели имаат слични карактеристики и можности, но имаат целосно различен дизајн – првиот изгледа како спортски часовник, додека вториот ккао фитнес бразлетна.

Она што ги спојува е воената MIL-STD-810G спецификација, што значи дека и двата се водоотпорни, отпорни на шокови, паѓања и високи и ниски температури, како и Tizen оперативниот систем. Gear Sport сепак се чини е подобриот модел – има 1,2 инчен циркуларен дисплеј со резолуција од 360х360 пиксели, процесор со две јадра, 4 GB простор и 768 MB рам меморија, солидна батерија од 300 mAh, како и NFC поддршка за Samsung Pay, односно безжично плаќање со часовникот.

Gear Fit2 Pro пак има 1,5 инчен делумно заоблен AMOLED дисплеј со резолуција од 216х432 пиксели, процесор со две јадра, 512 MB рам и 4 GB простор, како и помала батерија од 200 mAh. Цената на Gear Fit2 Pro ќе изнесува 199 долари, додека се уште не е позната цената на подопадливиот Gear Sport.

Покрај двата паметни часовници, за фитнес ентузијастите Samsung лансира и нови Gear IxonX Bluetooth слушалки, кои за разлика од нивните претходници имаат подолго траење на батеријата (7 наспроти 5 часа). Нивна главна карактеристика е тоа што имаат вкупно 8 GB простор за податоци (4 GB по слушалка), што значи дека песните можете да ги ставите директно на нив, односно нема потреба секогаш да го носите вашиот смартфон. Сепак, цената се очекува да биде висока – првата генерација чинеше 199 долари кога беше лансирана.

Извор: PhoneDog, GSMArena, The Verge

Претходна статијаAlexa и Cortana отсега ќе работат заедно
Следна статија360° фотографии како Cover photo на Facebook