Оние кои почесто се занимаваат со фитнес активности и нивно мерење, многу добро им е познато името на компанијата Fitbit, која стои зад едни од најдобрите фитнес тракери кои можат да се носат околу раката. Сепак, и покрај тоа што се познати по такви уреди, досега тие немаа вистински паметен часовник кој би можел да им конкурира на Apple Watch и Samsung Gear серијата.

На IFA во Берлин тие го претставија Ionic, нивниот прв паметен часовник. Опремен е со 1,5 инчен дисплеј со резолуција од 250х348 пиксели, 2,5 GB простор, Wi-Fi и Bluetooth поврзување со смартфон и батерија која може да трае 10 часови постојана работа (до 4 денови користење). Ова не се премногу импресивни карактеристики, а истото важи и за цената, која изнесува високи 450 долари во САД.

Сепак, Fitbit се надева дека токму фитнес можностите ќе го пронајдат патот до купувачите. Така, овој часовник е отпорен на вода до 50 метри длабочина, што е во најмала рака импресивно. Тој доаѓа и со мноштво сензори кои можат да го мерат и спиењето, како и сите надворешни фитнес активности, а во него има и напреден SpO2 сензор, кој може да го мери и здравјето на корисникот. Ionic доаѓа и со GPS сензор и подобрени сензори за мерење на пулсот.

Бидејќи се работи за паметен часовник, Fitbit Ionic ќе може да прикажува и нотификации од вашиот паметен телефон, да репродуцира музика и на него ќе може да се инсталираат апликации од Fitbit App Gallery.

Не помалку важна, барем за земјите каде е поддржана, е и можноста за плаќање со часовникот со помош на Fitbit Pay.

Часовникот е веќе достапен за купување онлајн, но не се надевајте дека ќе може лесно да го најдете и низ нашите продавници.

Извор: CNET, PC World, Bike Radar

Претходна статијаGalaxy S9 ќе биде претставен порано од планираното за да се натпреварува со iPhone 8
Следна статијаHuawei го претстави знаменосецот Kirin 970, чип кој процесира и вештачка интелигенција