Најголемото ограничување на купувачите кои сакаат да ја искусат виртуелната реалност денес, барем кога се во прашање игрите, е високата цена и потребата од многу моќен компјутер. Наскоро, сето тоа ќе се промени, бидејќи VR уредите кои ги најави Microsoft и кои ќе чинат околу 300 долари, ќе работат со многу послаби компјутери.
Ова е особено важно за проширување на употребата на виртуелната реалност. Вака, поголем дел од корисниците ќе можат да купат вакви уреди и да ги употребуваат на компјутерите кои веќе ги имаат, а тоа ќе значи и дека дивелоперите ќе развиваат многу повеќе игри и други содржини.
Според истражувањата на The Verge преку апликацијата “Windows Holographic First Run” која ги испитува хардверските можности на компјутерот, новите VR очила ќе можат да работат со процесор со четири јадра (вклучувајќи и двојадрени со плус две виртуелни јадра), 4 GB рам меморија, USB 3.0 приклучок и поддршка за DirectX 12. Не е спомната минимална графичка картичка, но со оглед на тоа дека таа треба да поддржува DirectX 12, тука влегуваат и многу поевтини графички од тие што треба да ги има корисникот за да игра со Oculus Rift или HTC Vive.
Виртуелната реалност инаку ќе биде вградена во Windows 10, односно ќе биде дел од нов API наречен “Windows Holographic”. Со ваквиот потег, Microsoft се надева дека ќе го зацврсти Windows 10 како водечка платформа за виртуелна реалност, а особено за гејмерите.