Peloton
Фото: Peloton

Peloton е компанија која произведува високотехнолошка фитнес опрема, а неодамна нејзината вредност беше проценета на 1,25 милијарди американски долари. Тие се прославија со својот „велосипед“ опремен со HD екран на допир преку кој корисникот може да следи тренинзи во живо од својот дом. Овој пат, тие ќе промовираат лента за трчање.

Лентата за трчање ќе чини речиси 4 000 долари, а корисниците ќе можат да ја набават на рати. Според Peloton активните корисници ќе имаат можност да ја добијат на 39 рати по 110 долари. Новите корисници ќе ја добијат можноста со ист број на рати, меѓутоа по цена од 149 долари месечно. Продуктот е достапен да се нарача уште сега со депозит од 250 долари, а ќе биде лансиран на есен годинава.

Цената ја оправдува 32-инчниот екран и системот за озвучување. Меѓутоа сето тоа се чини како претерано комбинирање на технологијата и една обична лента за трчање.

За секој човек со нормална перцепција за вредноста на парите и корисноста на овие справи, јасно е дека се преценети. Но, како и ред други производи, несомнено ќе најдат свои купувачи. На страна што цената и бројот на ратите соодветствуваат на вредноста на автомобил, корисниците ќе треба да плаќаат месечна членарина од 39 долари за да имаат пристап до видео-тренинзите. За утеха е фактот дека за таа цена ќе им бидат достапни тренинзите и за „велосипедот“ и за лентата за трчање.
Откако пороците поевтинија, здравиот живот значително доби на цена…

Извори: BusinessInsider, TheVerge

Претходна статијаИзбор на нови научно-фантастични и хорор серии во видеотеката на Pickbox
Следна статијаWiFi ќе добие нов безбедносен стандард: WPA3