1363455045706644139

Да да, сигурно многумина од вас веднаш помислија како ова не е ништо ново и дека камери за ноќно снимање има одамна, но веднаш ќе ве поправам – оваа камера снима во боја! И да, може да гледа во темница каде инаку човечкото око не би можело.

Камерата на Canon нема иновативно име (MH20F-SH), но има многу иновации во сензорот кој се користи за „фаќање“ на околината. Се работи за “Full Frame” сензор со иста големина како професионалните апарати на Canon, но со само 2,26 мегапиксели. Причината зошто има толку малку мегапиксели е едноставна – истите се 7,5 пати поголеми од оние на професионалните апарати на Canon, што значи дека се многу посетливи на светлина. Нешто слично како што HTC се обиде да направи со HTC One Ultrapixel камерата.

Благодарение на големите пиксели, оваа камера може да снима Full HD видео со ISO 4.000.000 (четири милиони!), што е неколку десетици пати повеќе од денешните фотоапарати. Да појасниме, ISO е мерка за осетливоста на сензорот на светлина, односно колку светлина може да „впие“ од околината во единица време. Затоа, кога фотографирате со вашиот апарат или телефон навечер, тој автоматски ја покачува ISO вредноста.

1363455045838197419

Иако кај сите апарати, покачувањето на ISO вредноста значи и многу повеќе шум, кај овој модел сензорот е специјално развиен за да ги издржи овие вредности и да може да извади чиста слика и видео. Тогаш, можете да замислите колку светла слика би извадил со еден од f1.2 објективите на Canon (помалата вредност на блендата на леќата исто така овозможува многу поголем влез на светлина). Ако не можете да замислите, еве еден пример – камерата може без проблем да ги снима ѕвездите навечер, како во планетариум.

Canon ноќната камера делува навистина импресивно, особено за оние што знаат нешто повеќе за фотографијата и видеографијата, па за таквите сигурно е лесно и да се проголта цената од преку 30.000 долари. Да, оваа камера не е наменета за аматерите, односно би се користела за надгледување и снимање на дивиот свет навечер. Што значи дека ќе гледаме многу поубави документарки со диви животни, но и дека на крадците ќе им биде многу потешко да се скријат во темницата.

Извор: Gizmodo, Engadget

Претходна статијаЕве кои Lumia телефони (први) ќе добијат надградба на Windows 10
Следна статијаApple патентираше “stylus” пенкалце кое може да препознава текстури