Nod_Device_Slider

Nod е производ од истоимената компанија, лоцирана во Mountain View, California. Се работи за startup составен од група на инженери кои што своето искуство го градат во компании како, Apple, Samsung, Amazon, NASA, Google, Facebook и други. Компанијата е финансирана од неколку компании, па во овој случај средствата не се собрани преку јавно прибирање.

Производот Nod е прстен кој што овозможува интеракција со повеќе паметни уреди во домот или канцеларијата. Поточно преку овој уред можете да ги контролирате уредите како, паметните телефони, таблет компјутери, десктоп компјутери, паметни телевизори, паметни светилки, Nest паметниот термостат и други уреди кои спаѓаат во групата на паметни и може да се поврзат преку Wi-Fi или Bluetooth.

Прстенот, кој што исто така е и водоотпорен, доаѓа во 12 различни големини со што се осигурува дека ќе биде погоден за сите корисници. Направен е од метален раб обвиен во пластика. Полнењето се прави преку посебно направена кутија за него, по што може да издржи до еден ден на активно користење.

Nod_Device_Case

Гестовите кои што може да се користат со прстенот се повеќе и зависат од уредот кој што го контролирате. Како што објаснуваат од Nod, повеќето гестови ги претставуваат природните движења кои што ги правите при физичка контрола на уредите. Исто така можно е користење на тастатура, играње на одредени игри и слично. Осетливоста на прстенот достигнува до 321 DPI со што добивате доволно прецизен уред за работа. Покрај основата намена за движење на рацете и правење на гестови, прстенот на него има и површина осетлива на допир што овозможува додатно контролирање во одредени ситуации.

За зголемување на поддршката на уреди и апликации кои што ќе може да работат со Nod прстенот од компанијата имаат издадено API алатка. Исто така направен е портал на кој што корисниците ќе може да проверуваат кои апликации и уреди се моментално поддржани.

Nod прстенот на почетокот ќе се продава само во САД по цена од 150 долари, а од компанијата изјавуваат дека ќе се потрудат да го направат достапен во остатокот од светот.

Претходна статијаМожноста за печатење на документи додадена во Office for iPad
Следна статијаВидете го автомобилот на Google како сам вози низ градските улици
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.