galaxy_note_1-copy

Проблемот со самозапалување на Galaxy Note 7 прилично силно ја потресе корејската компанија, особено што тоа беше нивниот најдобар телефон во понудата – да се случеше со некој поевтин телефон секако дека немаше да поминат со толкави загуби.

Престанокот на производството и продажбата не само што го потресоа Samsung како бренд, туку и Note серијата воопшто. Додека досега тие телефони беа познати по високите перформанси и големиот број на функционалности и можности, отсега главно ќе бидат озборувани по самозапалувањето.

Уште при престанувањето на продажбата, многумина новинари од оваа област предвидоа дека Note серијата дефинитивно нема веќе да ја има на пазарот, но неа ќе ја замени телефон со голем дисплеј со слични можности, кој ќе има друго име, со што и јас лично се сложувам, бидејќи е прилично логично.

Сепак, според Newsis, корејска новинска агенција, Samsung веќе нема воопшто да произведува вакви телефони, односно со голем дисплеј и дигитално пенкалце. Наместо тоа, производителот ќе се фокусира на Galaxy S серијата, кај која веќе има две големини на модели, a поголемиот S7 Edge веќе има многу можности и функционалности на Note 7.

Поточно, Samsung во блиска иднина, сите напори во високата класа ќе ги вложи во развојот на Galaxy S серијата, што е добра вест за корисниците, бидејќи ова би можело да значи дека веројатно веќе најдобрите Android телефони на пазарот, ќе станат уште подобри. Знаејќи ги Samsung, очекувам многу побрзо вградување на напредни технологии, како на пример дисплеј што може да се свитка.

Засега сето ова се само шпекулации и од Samsung нема официјална потврда за тоа дека Note серијата ќе биде укината, а тоа веројатно нема да го дознаеме набрзо. Сепак, со сигурност знаеме дека за почетокот на наредната година Samsung спрема големо подобрување во новите Galaxy S8 , кои повторно би требало да го стресат пазарот на паметни телефони.

Извор: Techno Buffalo, IB Times, iTech Post

Претходна статијаMisfit Phase е паметен часовник кој изгледа како обичен часовник
Следна статијаFacebook тестира предлози на теми за разговор во Messenger