exynos-8-630x388

Битката во светот на мобилните процесори почна да се вжештува – неколку дена по официјалното претставување на Snapdragon 820 на Qualcomm, пристигна и одговорот од Samsung со новиот Exynos 8890.

За разлика од најголемиот конкурент, чипот на Samsung и натаму ќе има архитектура со осум јадра – четири моќни и четири штедливи. Сепак, за разлика од чипот кој се вградува во актуелните генерации на Galaxy моделите, овде моќните јадра ќе бидат целосно дизајнирани од Samsung и само базирани на ARMv8, а не целосно преземени. Исто како и Qualcomm што прави со Snapdragon 820. Останатите четири, штедливи јадра, ќе бидат базирани на ARM Cortex-A53.

Промените, според Samsung, ќе придонесат новиот чип да биде 30% побрз и 10% поштедлив од својот претходник. Голем напредок треба да се постигне и во делот на графиката, за која ќе биде задолжен моќниот Mali-T880 дизајн на ARM. Исто како и Snapdragon 820 и Exynos 8890 ќе има вграден LTE модем со можност за брзини до 600 Mbps за симнување и до 150 Mbps за качување. Чипот инаку ќе биде целосно изработен со транзистори со големина од 14mm во FinFET процес и ќе има 64-битна архитектура.

Првите примероци на новиот Exynos 8890 треба да ги видиме во новиот Samsung Galaxy S7, каде интересно, ќе се вградува напоредно со Snapdragon 820, зависно од пазарот. Според тоа какви беа работите во минатото, ние би требале да ја добиеме Exynos верзијата, но тоа секако не може да се каже со сигурност.

Како и да е, целата оваа конкуренција кај чиповите во мобилната телефонија, која ја распалија Apple, Qualcomm и Samsung, ќе придонесе за уште поспособни преносливи уреди, кои ќе имаат перформанси на нивото на целосен компјутер и во исто време подолго траење на батеријата со едно полнење. Ако ме прашувате мене, за кого и да навивате, најголемата победа е за нас корисниците.

Извор: TechnoBuffalo, Engadget, AndroidCentral

Претходна статијаSteam гејмерските машини конечно пуштени во продажба
Следна статијаМасовното шпионирање НЕ спречува масакри